ВАКЦИНАЦИЈАТА ВО БРИТАНИЈА ГО НАМАЛУВА БРОЈОТ НА ХОСПИТАЛИЗИРАНИ ЛИЦА ОД КОВИД-19

    ВАКЦИНАЦИЈАТА ВО БРИТАНИЈА ГО НАМАЛУВА БРОЈОТ НА ХОСПИТАЛИЗИРАНИ ЛИЦА ОД КОВИД-19Седумнаесет милиони Британци досега ја примиле првата доза од вакцината (Фото: АП)

    По Израел, Велика Британија е уште една земја која отиде далеку во имунизацијата против ковид-19 и исто така дојде до ветувачки резултати, кои покажуваат значителен пад на бројот на хоспитализирани лица.

    Вакцинацијата во Англија и Шкотска покажа дека и една доза дава висока заштита од сериозна болест и хоспитализација, а младите ги штити и од блага асимптоматска болест. Иако овие истражувања не даваат докази дека вакцинирањето ја спречува трансмисијата, податоците велат дека може да го забави ширењето на заразата.

    Три студии дојдоа до слични позитивни заклучоци за заштитата што ја нудат вакцините, иако тие ги истражуваа ефектите кај различни возрасни групи.

    Една студија во Англија ги опфати здравствените работници на возраст до 65 години и откри дека една доза од вакцината на „Фајзер/Бионтек“ го намалува ризикот од заразување за 70%, а двете дози за 85%.

    Друго англиско истражување вклучи лица над 80 години: три недели по првата доза вакцината на „Фајзер/Бионтек“ имала 57-процентна ефективност против симптоматска болест, што пораснало на 85% по втората доза.

    Овие резултати се доказ дека стратегијата е успешна. Ова покажува дека вакцините функционираат и крајно охрабрувачки е да се види дека вакцините даваат така високо ниво на заштита од коронавирус“, изјави британскиот министер за здравство Мет Хенкок.

    И шкотското истражување било еднакво охрабрувачко: четири недели по давањето на првата доза од вакцините на „Фајзер“ и „АстраЗенека“ ризикот од хоспитализација се намалил за 85%, односно за 94%.

    Седумнаесет милиони Британци досега ја примиле првата доза од вакцината и премиерот Борис Џонсон вчера најави постепено олеснување на рестриктивните мерки. Прво на 8 март се отвораат училиштата, а до 21 јуни треба да бидат укинати сите ограничувања што се однесуваат на социјални контакти.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира