Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека ќе се забранат социјалните мрежи за лица под 16 години и ќе се воведат ограничувања на платформите за гејминг и стримување во живо.
„Овие сеопфатни промени ќе им го вратат детството на децата“, рече Стармер, воведувајќи мерки против платформи како што се Снепчет, ТикТок и Инстаграм, како и страници за видеоигри што им дозволуваат на непознати лица да комуницираат со деца.
„Јасно ми е дека целосната забрана е вистинскиот избор. Ќе направи огромна разлика, ќе ги направи нашите деца побезбедни и посреќни, ќе им даде повеќе време, поголема безбедност, поголема слобода да растат и повеќе можности“, кажа Стармер.
Тој соопшти дека Велика Британија ќе користи сличен модел како Австралија, која воведе забрана минатиот декември. Забраната ќе ги опфати и Јутјуб, Фејсбук и Икс, но платформите за пораки како Вотсап и Сигнал нема да бидат вклучени.
„Велика Британија, исто така, ќе воведе водечки светски блокади на штетни функции, како што се стримување во живо и комуникација на непознати лица со деца под 16 години. Дали постои ситуација во реалниот свет каде што би му дозволиле на вашето дете да комуницира со странец, возрасен за кого не знаете ништо? Не, затоа преземаме мерки во врска со тоа“, рече Стармер.
Австралија беше првата земја која ги забрани социјалните медиуми за деца под 16 години. Оттогаш, голем број земји најавија дека ќе го регулираат пристапот до социјалните медиуми поради растечката загриженост за нивното влијание врз здравјето и безбедноста на децата.



