„Намалување” на Александер Пејн го отвори вечерва 74. Венециски филмски фестивал. Филмот, СФ драма во која игра Мет Дејмон, е за еден човек кој одлучува да се смали. Дејмон игра несреќен обичен човек кој се обидува да ги реши своите проблеми – и да помогне да ја спаси планетата – со експериментална постапка што го намалува на височина од 12 см. Во филмот играат и Кристен Виг, Кристоф Валц и Хонг Ча.
Во последниве години Венеција отвораше со светските премиери на повеќекратните оскаровци, меѓу кои и „Во центарот на вниманието“, „Гравитација“ и „Ла Ла Ленд“.
Крими-комедија на Џорџ Клуни, фантазија на Гилјермо дел Торо и трилер на Дарен Аронофски се дел од селекцијата од 21 филм за престижната награда Златен лав годинава на најстариот филмски фестивал во светот. Во селекцијата е „Субурбикон” што го режира Клуни, со ѕвездите Мет Дејмон и Џулијан Мур, по сценарио на Џоел и Итан Коен, „Формата на водата” на Дел Торо, во кој глуми Сали Хокинс како жена која има врска со морско суштество, и таинствениот „Мајко!” на Аронофски со Џенифер Лоренс.
Во конкуренција се и „Човечки проток”, документарен филм за миграцијата на кинескиот уметник Аи Веивеи; „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури” од ирскиот автор на трагикомедија Мартин Мекдона; „Третото убиство”, на Хироказу Коре-еда од Јапонија и „Мектур, љубов моја: Канто Уно” од француско-тунискиот режисер Абделатиф Кешиш, автор на Канскиот победник „Сината е најтопла боја”.
Во конкуренција се режисери од целиот свет, австралискиот Ворик Торнтон со „Слатка земја”, израелскиот Самуел Маоз со „”Фокстрот” и либанскиот Зиад Дуеири со „Навредата“. Но, меѓу 21 автор само една е жена- Кинеската Вивиан Кју, чиј „Ангелите носат бело” е за две девојки нападнати од еден маж во мал крајбрежен град.
Победникот за Златен лав и другите награди ќе го одреди жирито на чие чело е актерката Анет Бенинг. Мостра се затвара на 9 септември со јапонскиот гангстерски трилер на Такеши Китано „Бесна кода”.
Вон главната конкуренција се „Сакајќи го Пабло” на Фернандо Леон де Араноа, со Хавиер Бардем како колумбискиот барон на дрогата Пабло Ескобар, и историската драма „Викторија и Абдул“ на Стивенн Фриарс со Џуди Денч како британска кралица Викторија и Аи Фазал како нејзин индиски слуга Абдул Карим.