Александер Захарченко, лидерот на таканаречената Република Донецк, поддржана од Русија, е убиен во бомбашкиот напад во едно кафуле во овој украински град, потврди локалната новинска агенција ДНР.
Украинците за кои се верува дека го извршиле атентатот се уапсени и руското Министерство за надворешни работи ја обвини украинската влада дека стои зад нападот, во кој е повреден и сепаратистичкиот министер за финансии, Александер Тимофеев.
Тешко вооружените бунтовници во Донецк и Луганск одбиваат да ја признаат централната власт во Киев. Москва негира дека ги поддржува со оружје и војска, но признава дека таму има руски доброволци.
„Според првичните информации, за жал, ова е точно. Лидерот на републиката е смртно повреден“, изјави еден од лидерите на бунтовниците Владислав Бердичевски.
Кафулето во кое се случил нападот бил во сопственост на Захарченко и се наоѓа во близина на неговата резиденција. Тој стана лидер на „Народната Република Донецк“ во ноември 2014 година и претходно веќе преживеа еден обид за атентат.