Британската војска е подготвена да помогне да се олесни проблемот со снабдувањето со бензин, откако веќе четири дена има долги редици пред бензински пумпи, а дел се и затворени. Околу 150 армиски возачи на цистерни се повикани да прават испораки до бензински пумпи, кои се испразнија како резултат на масовно панично купување.
Зголемената побарувачка се појави среде стравувањата дека недостигот на возачи ќе го погоди снабдувањето со бензин, што го има во големи количини во рафинериите.
Се проценува дека на Велика Британија моментално ѝ недостигаат повеќе од 100.000 камионџии, што создава проблеми во разни индустриски гранки. Владата кажа дека луѓето непотребно купувале бензин, што довело до големи редици и празнење на некои пумпи.
Цената на литар безоловен бензин пораснала за едно пени од петокот и сега е највисока во изминатите осум години.
Премиерот Борис Џонсон изјави дека армиски возачи нема веднаш да бидат распоредени, иако некои суштински дејности и работници се директно погодени од недостигот на бензин.
„Војската е подготвена да одговори на секое барање за поддршка и нејзино повикување на помош е разумен потег“, изјави министерот за бизнис и енергетика, Кваси Квартенг.
Експертите велат дека проблемот со недостигот на возачи во Британија постои со години, а нивната просечна старост е 55 години.