Грчката полиција уапси 22 лица на Миконос, Парос и Родос за прекршување на правилата за окупирање јавен простор на плажите. За време на акцијата, инспекторите пронашле чадори и лежалки без дозвола, а имало и такви кои биле поставени на пет метри од морето и на археолошки места заштитени со закон.
На Миконос се уапсени 18 лица кои работеле на инсталирање голема метална платформа на плажа без дозвола. Уапсен е и менаџер на продавница, зашто без дозвола поставил 16 чадори со исто толку лежалки.
Сопственик на бизнис е уапсен на Парос откако без дозвола поставил 206 комплети на чадори и лежалки на плажа, а приведен е и менаџер на приватно сместување, кој без дозвола ставил 12 чадори, 24 лежалки и пет метри долга ограда.
Едно лице е уапсено на Родос за поставување 136 чадори и 272 лежалки, некои на помалку од пет метри од морето, со што јавноста немала непречен приод кон водата.