ВО ПРИТВОР СЕ САМОУБИ МИЛИЈАРДЕРОТ ЕПСТАЈН, ОБВИНЕТ ЗА ПЕДОФИЛИЈА И СЕКС ТРГОВИЈА СО МАЛОЛЕТНИЦИ

    ВО ПРИТВОР СЕ САМОУБИ МИЛИЈАРДЕРОТ ЕПСТАЈН, ОБВИНЕТ ЗА ПЕДОФИЛИЈА И СЕКС ТРГОВИЈА СО МАЛОЛЕТНИЦИНа 66-годишниот Џефри Епстајн му беше одбиено барањето да се брани од слобода, и според обвинението можеше да биде осуден на 45 години затвор. (Фото: АП)

    Во притворската ќелија во Њујорк се самоуби Џефри Епстајн, милијардер и сопственик на инвестициски фонд, обвинет за педофилија и секс трговија со малолетници. Тој претходно беше ставен под засилен надзор поради самоубиствени тенденции, откако на 23 јули беше најден онесвестен на подот од неговата ќелија со модрици на вратот.  На 66-годишниот Епстајн му беше одбиено барањето да се брани од слобода, и според обвинението можеше да биде осуден на 45 години затвор.

    Според документи од обвинението на околу 2. 000 страници, Епстајни и негови соработници се товарат за подведување малолетна девојка, во документите позната како Вирџинија Робертс Гуфри, на полови односи со личности од високиот бизнис и политика. Гуфри, која сега има 36 години, имала полови односи со поранешниот гувернер на сојузната држава Њу Мексико Бил Ричардсон, и со поранешниот сенатор на Мејн Џорџ Мичел. Епстајн и неговата соработничка од Велика Британија Џизлејн Максвел, ја принудиле Гуфри на сексуални односи и со агентот од агенција за модели Жан Лик Брунел, менаџерот со финансии Глен Дубин и Марвин Мински, починат професор од Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ).

    Според документите, списокот на лица е долг и во него фигурираат еден министер за надворешни работи и „добро познат премиер“.

    Кортни Вајлд е друга жртва, од долгиот список на тужители, која синоќа имаше обраќање пред судот.
    Поранешниот гувернер на Њу Мексико и сенаторот од Мејн веднаш ги демантираа изнесените тврдења.
    Епстајн беше уапсен од полицијата во Њујорк на почетокот на јули. Обвиненијата за злоставување и продажба на малолетни лица за сексуални услуги ја разбрануваа јавноста во САД, пред се поради врските на милијардерот со влијателни личности како американските претседатели, поранешниот Бил Клинтон и актуелниот Доналд Трамп, или принцот Ендрју од Британија, син на кралицата Елизабет. Како принцот, така и Клинтон и Трамп, сите демантираат дека имале блиски познанства со Епстајн и се дружеле со него, иако архивите откриваат фотографии и видеоснимки што го потврдуваат спротивното.

    Тој се товареше за организација на простититуција што датираат од пред 19 години. Од 2000 година наваму милијардерот наводно организирал сеанси со масажи во своите раскошни домови на Менхетн и во Палм Бич, Флорида и наводно имал секс со девојчиња на возраст и до 13 години.

    Во 2008, тој се изјаснил за виновен по обвиненија за подведување малолетници и организирање проституција. Иако за тежината на делото обвинетиот тогаш требало да биде осуден и на доживотна казна затвор, Епстајн со помош на скапо платени адвокати издејствувал договор со тогашните обвинители и бил осуден на 13 месеци. Дополнетото обвинение укажа дека таа одлука била незаконска.

    Државниот обвинител од Флорида со кого Епстајн тогаш се спогодил е Александар Акоста, до неодамна државен секретар за труд во администрацијата на Трамп, кој поради скандалот и реакции од демократите по актуелното апсење на Епстајн, во јули даде оставка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира