ВО ШАНГАЈ ПОСТАВУВААТ ОГРАДИ ЗА ЛУЃЕТО ДА НЕ МОЖАТ ДА ИЗЛЕЗАТ ОД ЗГРАДИТЕ ВО КОИ ИМА ЗАРАЗЕНИ СО КОВИД-19

    ВО ШАНГАЈ ПОСТАВУВААТ ОГРАДИ ЗА ЛУЃЕТО ДА НЕ МОЖАТ ДА ИЗЛЕЗАТ ОД ЗГРАДИТЕ ВО КОИ ИМА ЗАРАЗЕНИ СО КОВИД-19Шангај е најголем град во Кина со 25 милиони жители, а карантинот трае повеќе од три недели. (Фото: Твитер)

    Властите во Шангај се обидуваат да го спречат ширењето на коронавирусот подигнувајќи високи метални огради пред станбени згради, што предизвика незадоволство кај граѓаните кои се затворени во карантин. На социјалните мрежи станаа вирални фотографии и видеа како работници во скафандери оградуваат цели згради и улици со двометарски метални огради.

    „Ова е толку навредливо за правата на луѓето кои живеат внатре, користејќи метални огради да ги затворат како домашни животни“, напиша корисник на социјалната мрежа Веибо.

    На неколку видеа се гледа како жителите викаат од балконите по работниците кои ги поставуваат оградите. На други видеа се гледаат луѓе кои се обидуваат да ги срушат оградите.

    „Зарем ова не е опасност во случај на пожар?“, праша друг корисник на Веибо.

    Оградите се поставуваат околу згради кои што се означени како запечатени области, а тоа во некои случаи значи дека во зградата има само еден позитивен на ковид-19.

    Шангај е најголем град во Кина со 25 милиони жители, а карантинот трае повеќе од три недели. Вчера, во Шангај беа регистрирани 39 починати од ковид-19, а вкупно во изминатите седум дена се регистрирани 87 смртни случаи. Вчера беа регистрирани 19.657 нови случаи на ковид-19.

    Кина успеа да ја стави под контрола првичната епидемија на ковид-19 во Вухан на крајот од 2019 година и оттогаш со строги карантини се справуваше со нови појави на инфекција со коронавирус.

    Но, таквиот пристап наиде на тежок предизвик со појавата на Омикрон сојот, кој е многу заразен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира