Жителите на 36-катна зграда во Олимпискиот парк во Сиднеј биле евакуирани откако се слушнале звуци на пукање во новоотворениот комплекс.
Околу 3.000 жители на кулата „Опал“ ја поминале ноќта во евакуациски центар од страв дека таа би можела да се урне.
„Инженери и пожарникари ќе ја поминат божиќната ноќ во зградата за да се испита голема пукнатина на десеттиот спрат. Тие треба да утврдат дали зградата е безбедна и да го пронајдат изворот на пукањето. Тоа не може да се заврши за неколку минути, но се надеваме дека нема трае подолго од неколку часови“, кажа Грег Рајт, инспектор во противпожарниот оддел на Сиднеј.
Жителите почнале да ја напуштаат зградата во утринските часови, кога на полицијата ѝ кажале дека слушнале загрижувачко пукање во структурата. Полицијата нареди евакуација и на неколку околни згради и го запре железничкиот сообраќај во областа.
Кулата „Опал“ има 392 станови и деловни простори и нејзината изградба чинела 165 милиони долари.