Словенечката разузнавачко-безбедносна агенција (СОВА) објави дека уапсила двајца странски државјани обвинети дека шпионирале за Русија. Тие работеле тајно, претставувајќи се како бизнисмени од Јужна Америка.
Обвинителството на Љубљана потврди за весникот „Дело“ дека во почетокот на минатиот месец побарало да се покрене истрага против две лица за шпионажа. Според непотврдени информации, тие работеле за руската воена разузнавачка служба ГРУ.
Обвинети се дека шпионирале за странска разузнавачка служба и за потврдување лажни содржини во службени документи, за што можат да добијат до осум години затвор.
Двајцата имале пасош на трета земја и не им кажале на властите дека се руски државјани. Според „Дело“, еден од нив имал аргентински пасош. Словенечките медиуми објавија дека тие дејствувале не само во Словенија, туку и во други земји, а имале канцеларија во деловната зграда на „Леснина“ во Љубљана.