Во Украина е неопходно да се спроведе итна десатанизација зашто таму оперираат стотици секти, изјави заменик-секретарот на рускиот Совет за безбедност, Алексеј Павлов.
„Верувам дека со продолжувањето на специјалната воена операција ќе стане неопходно да се изврши десатанизација на Украина, односно, како што кажа лидерот на Чеченската Република Рамзан Кадиров, нејзина комплетна дешејтанизација“, изјави Павлов.
Тој вели дека точниот број секти во Украина не е познат, но ги има стотици. Павлов тврди дека Украина се претворила во „тоталитарна хиперсекта“, каде што граѓаните ги напуштиле православните вредности и затоа под итно треба да се спроведе десатанизација.
„Користејќи интернет манипулации и психотехнологија, новата влада ја претвори Украина во тоталитарна хиперсекта. Властите во Киев беа првите кои се претворија во милитантни фанатици, чии ставови се спротивни на оние на обичните луѓе“, кажа Павлов.
На почетокот на војната, Владимир Путин ја правдаше инвазијата со потребата од денацификација на Украина, сметајќи дека режимот во Киев е пронацистички.