Втората претседателска дебата помеѓу Доналд Трамп и Џо Бајден ќе се одржи виртуелно откако актуелниот претседател имаше позитивен тест за коронавирус пред неполна недела. Трамп изјави дека не планира да учествува во ваква дебата.
„Ваков формат е неприфатлив за мене и нема да учествувам“, кажа тој.
Непартиската Комисија за претседателски дебати ја објави одлуката една недела пред второто директно соочување на Трамп и Бајден, кое требаше да се случи во Мајами, со цел да се заштитат здравјето и безбедноста на сите вклучени.
„Кандидатите ќе учествуваат во дебатата од две различни локации, додека останатите учесници и модераторот ќе бидат во Мајами“, кажа Комисијата.
Трамп објави дека е позитивен во петокот, но кажа дека планира да се појави на втората дебата со Бајден.
„Едвај чекам повторно да дебатирам со Трамп, но притоа ќе мора да следиме строги протоколи“, кажа Бајден.