Илјадници антивладини вчера демонстранти повторно маршираа низ Србија, а интервентраната полиција со палки ги бркаше насилните демонстранти низ центарот на Белград, поради што српскиот претседател Александар Вучиќ да го повтори ветувањето за планирана голема акција против демонстрантите.
Протестот во главниот град на земјата беше мирен сè додека група млади луѓе, за кои се верува дека се фудбалски хулигани, не се одвоија од толпата и фрлаа камења кон канцелариите на владејачката партија во центарот на градот, кршејќи ги предните прозорци. Интервентната полиција набрзо пристигна на местото на настанот со оклопни возила, растерувајќи ја толпата и предизвикувајќи панично бегство.
Во знак на пркос, Вучиќ се појави во оштетената канцеларија на неговата партија, нарекувајќи ги демонстрантите терористи и велејќи дека „наскоро граѓаните ќе бидат ослободени од овој терор и зло“. Во неделата, Вучиќ најави строги мерки против антивладините демонстранти по неколкудневните улични немири низ Србија, кои го доведоа во прашање неговото сè поавторитативно владеење. Вчера, тој ги повтори своите тврдења дека месеците упорни протести против неговата влада биле оркестрирани на Запад и дека нивната цел била уништување на Србија.
„Нашата земја е во сериозна опасност, тие ги загрозија сите наши вредности, нормалниот живот на секој поединец“, рече Вучиќ.
Амбасадорот на Европската Унија во Белград, Андреас фон Бекерат, повика на темелна истрага за секое сомневање за прекумерна употреба на сила од полицијата врз демонстрантите во Србија, по вчерашната средба со претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ.
Денеска, граѓани се собрани пред зградата на Основниот суд во Нови Сад на повик на студентите во блокадата и бараат итно ослободување, како што тврдат, на сите оние што се приведени без докази за учество во антивладини протести, а против кои беа поднесени кривични и прекршочни пријави, меѓу кои и за напад врз службено лице, насилничко однесување, нарушување на јавниот ред и мир и дури и за обид за тешко убиство. Во судот и на задниот службен влез, полицијата е присутна во опрема за разбивање на демонстрации, а кратко по почетокот на протестот, пристигнале поголем број полицајци. Додека траат блокадите на судската зграда, утринава е уапсен Радивој Јововиќ, опозицискиот член на Движењето за слободни граѓани во парламентот на Војводина.
Полицијата во Белград привела 16 лица по протестите што ноќеска се одржаа во повеќе градови низ Србија, според информации од Министерството за внатрешни работи. Лицата се приведени поради демолирање и палење на просториите на владејачката Српска напредна партија во Белград. Антивладините протести вчера се одржаа под слоганот „Каде застанавме“, а граѓаните во Белград се собираа на три локации.
Острите предупредувања на Вучиќ следеа по неколкудневните судири меѓу демонстрантите, од една страна, и полицијата и лојалистите на Вучиќ, од друга страна. Бесните демонстранти во саботата вечер ја запалија канцеларијата на владејачката Српска напредна партија на Вучиќ во Ваљево, западна Србија.
Вучиќ не прецизираше каков ќе биде одговорот на државата во наредните денови. Десетици луѓе веќе се приведени и повредени во последните денови, меѓу кои има и малолетници, додека полицијата се соочува со обвинувања за прекумерна употреба на сила и произволни апсења на демонстрантите.
Судирите минатата недела означија голема ескалација на насилството по повеќе од девет месеци претежно мирни демонстрации кои започнаа откако се урна бетонската настрешница на железничка станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица. Многумина во Србија за трагедијат ја обвинија широко распространета корупција во државните инфраструктурни проекти. Вучиќ се соочува со обвинувања дека ги задушува демократските слободи, а воедно дозволува да цветаат организираниот криминал и корупцијата, што тој го негира.
Србија формално се стреми кон членство во Европската Унија, но Вучиќ одржува силни врски и со Русија и со Кина.