ЗА СРЕДБАТА ЗЕЛЕНСКИ-ПУТИН МОЖНИ МЕСТА СЕ ШВАЈЦАРИЈА, АВСТРИЈА, УНГАРИЈА, ТУРЦИЈА, САУДИСКА АРАБИЈА И КАТАР

    ЗА СРЕДБАТА ЗЕЛЕНСКИ-ПУТИН МОЖНИ МЕСТА СЕ ШВАЈЦАРИЈА, АВСТРИЈА, УНГАРИЈА, ТУРЦИЈА, САУДИСКА АРАБИЈА И КАТАРТурските медиуми шпекулираат дека Зеленски и Путин наскоро би можеле да дојдат во земјата, откако Путин вчера му се јави претседателот Реџеп Таип Ердоган. (Фото: АП)

    Швајцарија, Австрија, Унгарија, Турција, Саудиска Арабија и Катар се можни опции за места каде ќе се одржи средбата меѓу претседателите на Украина и Русија Володимир Зеленски и Владимир Путин.

    Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул вчера за Дојче веле (ДВ) изјави дека има „многу добри места“ во Европа за преговори. Тој додаде дека Берлин нема амбиција да биде домаќин и ја посочи Швајцарија како место кое „во минатото секогаш било добро“. Но, нема да биде лесно да се најде вистинското место за преговори. Меѓународниот кривичен суд (МКС) го обвини Владимир Путин за воени злосторства, вклучително и депортација на деца од окупираните делови на Украина во Русија – обвинение што тој го негира. Но, за него е издадена меѓународна потерница за апсење. Технички погледнато, секоја од 124-те земји-членки на МКС мора да го уапси секој осомничен за воени злосторства кој ќе стапне на нивна територија. Ни Русија, ни САД не ја признаваат надлежноста на судот, што доведе до правни дебати за тоа дали Путин има имунитет. Вчера САД почнаа свој дипломатски напад врз МКС со дополнително санкционирање на судии.

    Со оглед на тоа дека Франција исто така ја смета Женева за идеално место за преговори, швајцарскиот шеф на дипломатијата, Игнасио Касиз изјави дека неговата земја е „повеќе од подготвена“ да биде домаќин на средбата. Иако Швајцарија е членка на МКС, нејзината влада тврди дека на Путин ќе му биде доделен „имунитет“ за преговорите. Но, професорот по меѓународно кривично право Матијас Холвоет за ДВ оценува дека тоа е спорно, бидејќи во либерална демократија независното судство – а, не владата – треба да донесува одлуки за апсење.

    „Во пракса, би претпоставил дека ќе постои некаква форма на договор меѓу извршната и судската власт да не се извршуваат таквите налози“, објаснува Холвоет, додавајќи дека последиците од игнорирањето на правилата на МКС се мали.

    Швајцарија има долга историја на неутралност и е седиште на Обединетите нации и таа не стана членка на ЕУ и на западниот воен сојуз НАТО. Сепак, воведе санкции против Русија поради инвазијата врз Украина. Владата на Швајцарија наведува дека учествувала во 30 мировни процеси, меѓу кои и преговорите за Ерменија, Кипар, Мозамбик и Судан. Женева во 2021 беше домаќин на разговори меѓу Путин и поранешниот американски претседател Џо Бајден.

    Австрискиот канцелар ја понуди Виена како можно место за преговорите. Австрија е членка на ЕУ, но е воено неутрална од 1950-тите и остана надвор од НАТО.

    „Австрија се смета за градител на мостови меѓу Истокот и Западот“, вели за ДВ политикологот од Залцбург, Рајнхард Хајниш, истакнувајќи ја долгата традиција на Виена во дипломатијата – од клучните преговори меѓу САД и Русија за време на Студената војна до разговорите за нуклеарната програма на Иран во оваа деценија. Како членка на МКС, Виена се соочува со истите правни дилеми како и Швајцарија, но како што вели Хајниш „Австрија од секогаш наоѓала начин да го држи австрискиот правосуден систем на страна“.

    САД наводно ја гледаат Унгарија како главен кандидат. Земјата се повлече од МКС годинава поради обвинението против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, близок сојузник на унгарскиот лидер Виктор Орбан. Будимпешта е политички неприфатлива за многу Европјани. Премиерот на Полска, Доналд Туск, вчера на Икс потсети дека во Будимпешта уште во 1994 година е дадена слаба безбедносна гаранција.

    „Можеби сум суеверен, но овој пат би избрал друго место“, пиша Туск. Унгарија се смета и за главен провокатор во рамките на ЕУ, често блокирајќи или ублажувајќи ги санкциите кон Русија. „Многумина во ЕУ го гледаат Орбан како своевиден тројански коњ за руските интереси“, објаснува Хајниш и додава дека ќе биде тешко за Европа да се спротивстави ако Трамп и Путин се изјаснат за Будимпешта.

    Турските медиуми шпекулираат дека Зеленски и Путин наскоро би можеле да дојдат во земјата, откако Путин вчера му се јави претседателот Реџеп Таип Ердоган. Руското министерство за надворешни работи соопшти дека Путин му се заблагодарил на Ердоган за „напорите да ги олесни руско-украинските преговори во Истанбул“. Турција веќе беше домаќин на неколку круга преговори на пониско ниво меѓу Киев и Москва годинава, што резултираше со размена на заробеници. Географски, земјата ги поврзува европскиот и азискиот континент и како Русија и Украина излегува на Црното Море. Турција е членка на НАТО, но не и на ЕУ или на МКС. Од почетокот на инвазијата испорачува оружје на Украина, но истовремено одржува добри односи со Москва.

    Надвор од Европа, Саудиска Арабија и Катар сè повеќе играат улога на меѓународни посредници, а ниту една не е членка на МКС. Претставници на Украина, САД и Русија годинава одржаа одделни разговори во саудискиот град Џеда, по што Вашингтон повторно се согласи да споделува разузнавачки податоци со Киев. Соседниот Катар исто така посредуваше во разговорите. ЕУ во минатото од земјите во Заливот бараше да бидат покритични кон Москва, да се борат против заобиколувањето на санкциите и да пружат поголема поддршка за Украина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира