Марк Закерберг им вети на членовите на Европскиот парламент дека нема да се повтори скандал со злоупотреба на лични податоци, откако се соочи со обвинувања дека Фејсбук станал премоќен.
Тој потроши 30 минути на одговори во своето сведочење во Брисел, додека поставувањето на прашањата траеше двојно повеќе.
Закерберг кажа дека правилата што се воведени во 2014 година спречуваат трети страни, како апликации, да злоупотребуваат податоци, но очекува вакви апликации и во иднина да се појавуваат.
Според системот на испрашувањето, Закерберг 22 минути разгледуваше огромен број прашања што сакаа да му ги постават и потоа имаше можност да избере на кои од нив ќе одговори. Тој, исто така, се согласи дополнително да одговори на некои прашања писмено.
Закерберг се извини за штетата што ја предизвикал Фејсбук преку компанијата „Кембриџ аналитика“, но, според многумина аналитичари, тој, всушност, не одговорил на ниту едно прашање.
Ова беше последното во серијата извинувања на Закерберг, откако се откри дека „Кембриџ аналитика“ искористила лични податоци на 87 милиони корисници на Фејсбук, за да влијае врз претседателските избори во САД.