Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја почна својата мала африканска турнеја во Египет, додека Русија се обидува да излезе од меѓународната изолација како последица на инвазијата на Украина и да придобие сојузници.
Тој се сретна со претседателот Ел-Сиси и со својот колега Самех Шукри во Каиро, при што го обвини западот дека ја охрабрува Украина да војува со Русија до „горчлив крај“.
„Западот го продолжува конфликтот, иако на сите им е јасно чиј крај ќе биде тоа. Ние немаме ништо против продолжување на преговорите, но украинските власти на чело со претседателот и неговите безброј советници постојано велат дека нема разговори додека Украина не ја порази Русија на бојното поле. Украинците во тоа се охрабрувани од нивните сојузници, Лондон, Вашингтон, Берлин, Брисел. Така што, изборот е нивни“, кажа Лавров.
Тој ја повтори нарацијата на Кремљ дека западот ја натерал Русија да ја нападне Украина и го обвини дека ги игнорирал руските безбедносни грижи.
По Египет, Лавров ќе ги посети и Етиопија, Уганда и Република Конго.