Во Франција почна судењето на пензионер кој преку интернет ангажирал десетици мажи за да ја силуваат неговата сопруга, која претходно ја онесвестувал со лекови. Покрај првообвинетиот 71-годишен Доминик П., на судскиот процес во јужниот град Авињон ќе им се суди на уште 50 лица.
Според адвокатот на жртвата, тие се обвинети дека ја силувале жената, која не била свесна за злоставувањата зашто била под силно дејство на лекови. Таа сега е во свои 70-ти години и не сака да биде идентификувана.
Полицијата открила 92 случаи на силување, извршени од 72 мажи, од кои 51 е идентификуван. Тие се на возраст од 21 до 68 години. Најголем дел од нив учествувале еднаш, а некои и до шест пати. Доминик П. им признал на истражителите дека на својата сопруга ѝ давал моќни средства за смирување.
„Судењето ќе биде ужасно патешествие за жртвата. Долго време откако ова се случи, таа за првпат ќе ги преживува силувањата кои се одвивале низ период од десет години. Таа инаку воопшто не се сеќава на нив“, кажа адвокатот Антоан Ками.
Жената одби судењето да се одржува зад затворени врати, велејќи дека тоа е она што би го сакале напаѓачите, рече Ками,
„Таа е цврсто решена да се соочи со нив и со својот сопруг, со кого живеела 50 години, но ништо не знаела за она што се случува, се до својата 68. година“, изјави Ками.
Таа дознала за силувањата дури во 2020. Се почнало кога полицијата покренала истрага против Доминик П. во септември таа година откако бил фатен како тајно снима под здолништата на три жени во трговски центар. При пребарувањето на неговиот компјутер биле пронајдени илјадници фотографии и видеа од неговата сопруга во видно онесвестена состојба. Тие прикажувале десетици случаи на силување во домот на двојката во Мазан, село со 6.000 жители оддалечено 40 километри од Авињон.
Злоставувањето почнало во 2011, кога двојката живеела во Париз и продолжиле откако се преселила во Мазан две години подоцна. Мажот учествувал во силувањата, така што снимал и ги охрабрувал другите мажи да користат вулгарни зборови.
Се очекува судењето да трае до декември.