ЗАВРШИ ЧЕТИРИГОДИШНАТА ПОТРАГА ПО МАЛЕЗИСКИОТ АВИОН МХ370, НИШТО НЕ Е ПРОНАЈДЕНО

    ЗАВРШИ ЧЕТИРИГОДИШНАТА ПОТРАГА ПО МАЛЕЗИСКИОТ АВИОН МХ370, НИШТО НЕ Е ПРОНАЈДЕНОСудбината на авионот и на 239 луѓе што биле во него е непозната од 8 март 2014 година (Фото: Ројтерс)

    Четиригодишната потрага по авионот МХ370 на „Малезија ерлајнс“ заврши, откако и последната, приватна финансирана истрага беше затворена.

    Американската компанија „Оушн инфинити“ користеше пловила за големи длабочини за да лоцира траги од исчезнатиот авион, покривајќи огромна површина во јужниот дел на Индискиот Океан, но не успеа ништо да пронајде.

    Малезиската влада објави дека не планира да покрене нова потрага.

    Авионот исчезна на 8 март 2014 година, додека леташе од Куала Лумпур за Пекинг. Оттогаш е непозната судбината како на авионот, така и на 239 луѓе кои беа во него.

    Официјалната потрага заврши минатата година и сѐ уште се води жестока дебата што се случило со авионот.

    Грејс Нејтан, чија мајка била патник во МХ370, вели дека се противи на запирањето на потрагата.

    „Луѓето сигурно си мислат, ‘зошто уште се мачат, па поминаа четири години‘. Важно е луѓето да не го заборават ова“, изјави Нејтан за весникот „Гардијан“.

    „Оушн инфинити“ испита површина од околу 80.000 квадратни километри, користејќи флота од осум мали подморници. Поради влошување на времето во регионот, секоја натамошна потрага во наредните неколку месеци би била отежната.

    Компанијата се согласи бесплатно да ја спроведе потрагата, но би добила награда од 70 милиони долари доколку ги пронајде остатоците од авионот.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира