Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека планира да се сретне со кинескиот лидер Шји Џинпинг за да разговара за предлозите на Пекинг за завршување на војната во Украина. Говорејќи синоќа на првата годишнина од инвазијата на Русија, тој рече дека предлогот сигнализира оти Кина е вклучена во потрагата по мир.
„Навистина сакам да верувам дека Кина нема да испорача оружје на Русија“, рече Зеленски.
Планот на Кина повикува на мировни преговори и почитување на националниот суверенитет. Сепак, документот од 12 точки не кажува конкретно дека Русија мора да ги повлече своите трупи од Украина, а исто така ја осудува употребата на „унилатерални санкции“, што се смета за прикриена критика кон сојузниците на Украина на Запад.
Кинеските власти досега јавно не одговорија на повикот на Зеленски за самит со Шји.
Во меѓувреме, Русија ги поздрави кинеските мировни предлози.
„Ги делиме ставовите на Пекинг“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи во Москва.
Изминатава недела, американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека Пекинг размислува да испорача оружје и муниција на Русија – тврдење кое Пекинг остро го негираше. Вчера, американските медиуми повторно објавија дека кинеската влада размислува да испрати беспилотни летала и артилериски гранати во Москва.
Прашан за кинескиот план, американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави: „Путин му аплаудира на планот, па како може да биде добро? Не видов ништо во планот што би укажало дека има нешто што би било корисно за некој друг освен Русија“.
Изгледа дека Кина е на страната на Русија, иако би сакала да најде начин да го спаси претседателот Владимир Путин со склучување некаков мировен договор за да го зачува образот, сметаат аналитичарите.
Кинеските предлози следат по посетата на главниот кинески дипломат Ванг Ји на Москва, каде што во средата се состана со претседателот Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. По разговорите, Ванг беше цитиран од кинеската државна новинска агенција Хсинхуа дека Пекинг е подготвен да ја „продлабочи политичката доверба“ и „да ја зајакне стратешката координација“ со Москва.
Западните власти млако ги примија последните предлози на Кина. Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека Пекинг „нема многу кредибилитет“ бидејќи „не можел да ја осуди нелегалната инвазија на Украина“.
Путин ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари 2022, а руските трупи постигнаа значителен напредок во првите неколку дена на северот, истокот и југот на Украина. Но, нападот врз главниот град Киев набрзо беше одбиен и украинската војска подоцн повторно освои големи области. Конфликтот – најголемиот во Европа по Втората светска војна – оттогаш стана тешка војна на уништување.
На долгата прес-конференција синоќа во Киев, Зеленски рече и дека победата „неизбежно ќе нè чека“ ако сојузниците „ги почитуваат нивните ветувања и рокови“.
Полска соопшти дека веќе ѝ испорачала на Украина четири тенкови „леопард II“ од германско производство и дека е подготвена да испорача уште. Германија соопшти дека ќе обезбеди 14 тенкови „леопард“, а тенкови ќе испратат и Шпанија и Канада. САД – убедливо најголемиот снабдувач на воена помош за Украина – ветија дека ќе испратат 31 од нивните тенкови „М1 абрамс“, а Велика Британија обезбедува 14 тенкови „челинџер 2“.
Зеленски додаде дека Украина не успеала доволно да се ангажира со земјите во Африка и Латинска Америка, откако многу земји на тие континенти гласаа воздржано на Генералното собрание на ОН за резолуција со која се осудува руската инвазија.