ЗЕЛЕНСКИ ЈА ПОВИКА РУСИЈА НА НЕОДЛОЖНИ МИРОВНИ ПРЕГОВОРИ

    ЗЕЛЕНСКИ ЈА ПОВИКА РУСИЈА НА НЕОДЛОЖНИ МИРОВНИ ПРЕГОВОРИЗеленски предупреди дека загубите на Русија ќе бидат такви што ќе ѝ требаат неколку генерации да се опорави; - Од руското бомбардирање на школо во Киев. (Фото: АП)

    Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска повика на сеопфатни мировни преговори со Москва за да се запре руската инвазија на Украина, предупредувајќи дека во спротивно на Русија ќе ѝ бидат потребни „неколку генерации“ за да се опорави од претрпените загуби во војната.

    „Сакам сите да ме слушнат сега, особено во Москва. Дојде време за средба, време е да разговараме“, рече Зеленски. „Дојде време да се врати територијалниот интегритет и правдата за Украина. Во спротивно, загубите на Русија ќе бидат такви што ќе ви требаат неколку генерации да се опоравите“.

    Рускиот претседател Владимир Путин вчера вети дека ќе ја продолжи инвазијата додека не успее, ветувајќи им на десетици илјади луѓе со руски знамиња на фудбалскиот стадион во Москва дека Русија „апсолутно ќе ги исполни сите наши планови“.

    Од започнувањето на нападот на 24 февруари, руските трупи кои се соочуваат со силен отпор и во голема мера заглавија во напредувањето, дури иако се приближуваат на главниот град Киев. Сакајќи да ја вратат динамиката, тие ставија под опсада градови и уништија урбани области.

    Киев и Москва објавија одреден напредок во разговорите изминатава недела кон политичка формула која ќе ѝ гарантира на Украина безбедносна заштита вон НАТО. Но, Украина рече дека останува потребата за итен прекин на огнот и повлекување на руските трупи, а секоја страна ја обвини другата за одолговлекување на разговорите. Во разговор со германскиот канцелар Шолц, Путин ја обвини Украина за застој на мировните преговори со „нереални предлози“.

    Невидените санкции од Западот, чија цел е да се изолира руската економија, направија малку за да го запрат она што Путин го нарекува „специјална операција“ за намалување на воените способности на соседот и за „денацификација“ на нејзината влада. Но, западните официјални лица велат дека Русија претрпела големи загуби и има знаци на пад на моралот меѓу нејзините војници, тренд на кој алудираше Зеленски во видеопораката во која повика на обновување на преговорите за ставање крај на војната.

    Сирените за воздушен напад се огласија рано утрово во регионите Киев, Чернихив и Житомир, но нема информации за нови напади. Гувернерот на источниот регион Луганск, кој се граничи со Русија, рече дека ќе има прекин на огнот од денеска наутро и ќе биде отворен хуманитарен коридор за евакуација. Луганск се наоѓа во украинскиот регион Донбас, богат со јаглен, кој е делумно контролиран од сепаратистите поддржани од Русија од 2014.

    Откако Русија соопшти дека „го стега обрачот“ околу клучното пристаниште Мариупол, украинското Министерство за одбрана вчера призна дека „привремено“ го изгубило пристапот до Азовското Море, кое се поврзува со Црното Море и ќе биде голема загуба за Украина. Градоначалникот на Мариупол изјави дека борбите сега се одвиваат во центарот на градот. Зеленски ја обвини Русија дека со гранатирање на градот спречува воспоставување хуманитарни коридори за евакуација на населението.

    СAД постојано предупредуваа дека Русија може да ` се обрати за помош на Кина, најголемата сила која не го осуди нападот. Вчера, претседателот Џо Бајден му рекол на кинескиот претседател Шји Џинпинг дека ќе има последици ако Пекинг ѝ обезбеди „материјална поддршка“ на Русија во Украина, соопшти Белата куќа и додаде дека опција е и санкционирање на Пекинг. Кина и Русија негираат дека Пекинг размислува да ѝ даде воена помош на Москва. Кина вели дека сака крај на конфликтот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира