Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ги повикал сојузниците од НАТО да ја поканат Украина во членството на самит што ќе се одржи во Брисел следната недела.
Членството во НАТО е и дел од неодамна објавениот „победнички план“ на Володимир Зеленски, со кој треба да се стави крај на војната. Во интервју за „Скај њуз“, Зеленски кажа дека членството во НАТО би ѝ овозможило на Русија засега да ја задржи окупираната територија.
„Поканата официјално би се однесувала на целата држава, но во почетокот би се применила само на делот кој е под контрола на Украина. Ова е решение да се запре оваа жешка фаза од војната“, кажа Зеленски.
Украина е свесна дека не може да ѝ се придружи на западната воена алијанса додека војната не заврши, но Сибиха порача дека поканата сега би му покажала на Владимир Путин дека не може да ја оствари една од своите главни цели – спречувањето на Украина да стане членка на НАТО.
„Поканата не би требала да се сфаќа како ескалација. Напротив, со прифаќањето дека членството на Украина во НАТО е неизбежно, Русија би изгубила еден од главните аргументи за продолжување на војната“, стои во писмото на Сибиха до НАТО.
Дипломатите на НАТО велат дека во алијансата не постои консензус околу поканата на Украина во овој момент. Таквата одлука бара согласност од сите 32 членки.