ЗЕМЈОТРЕС ОД 6,2 СТЕПЕНИ ВО ХРВАТСКА, ВО ПЕТРИЊА ЗАГИНА ДЕТЕ, ИМА ГОЛЕМА ШТЕТА И ПОВРЕДЕНИ

    ЗЕМЈОТРЕС ОД 6,2 СТЕПЕНИ ВО ХРВАТСКА, ВО ПЕТРИЊА ЗАГИНА ДЕТЕ, ИМА ГОЛЕМА ШТЕТА И ПОВРЕДЕНИПола Петриња е разурнат, има повредени и се очекува да расте бројот на жртвите. (Фото: Јутарњи лист)

    Силен земјотрес од 6,2 степени ја погоди Хрватска околу 12.20 часот, со епицентар на 3 км од Петриња, но се почувствува во целата земја, па и до Љубљана и Белград. Во Петриња загинало едно дете, потврди градоначалникот, а првите извештаи говорат дека пола град е разурнат, има повредени и се очекува да расте бројот на жртвите.

    Според сеизмолошката служба се очекува да има поголема материјална штета. Петриња е на 45 километри југоисточно од Загреб.

    Градоначалникот Даринко Думбовиќ побара итно да се испрати помош во Петриња.

    „Ги извлекуваме луѓето од коли, не знаеме дали имаме мртви и ранети, слушнав дека се урнала една градинка, но за среќа немало деца внатре, додека од друга градинка децата успеаа да се спасат. Општа паника е, луѓето си ги бараат своите, рече Думбовиќ и побара помош од сите особено од војската и пожарникарите.

    По земјотресот поголемиот дел од  главниот град Загреб остана без струја, а болниците се евакуираат.

    Сеизмологот Крешимир Кук рече дека потресот меѓу Сисак и Петриња бил со сила од 6,2 степена по Рихтер и дека по ослободената енергија бил 30-на пати појак од оној во март во Загреб.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира