Дваесет и едногодишна жена која била киднапирана од Исламска држава во Ирак пред една деценија е ослободена од Газа во тајна операција што со месеци ја подготвувале Израел, САД и Ирак.
Жената е припадничка на древното верско малцинство Езиди, кое главно живее во Ирак и Сирија. Повеќе од 5.000 членови на оваа заедница се убиени и илјадници други беа киднапирани за време на теророт на Исламска држава во 2014, што Обединетите нации го прогласија за геноцид.
„Таа беше ослободена по повеќе од четири месеци напори, при што имало неколку неуспешни обиди поради тешката безбедносна ситуација во Газа“, изјавија од ирачкото министерство за надворешни работи.
Жената е идентификувана како Фавзија Сидо и сега е обединета со своето семејство во северен Ирак. Ирачките власти со месеци биле во контакт со неа и потоа ги информирале американските власти, кои го организирале нејзиното излегување од Газа со помош на Израел, кажа извор запознат со случајот. Ирак и Израел немаат дипломатски односи.
„Се координиравме со американската амбасада во Ерусалим и со други меѓународни актери за да ја ослободиме Сидо“, објави израелската војска, додавајќи дека таа избегала во скривалиште надвор од Појасот Газа откако нејзиниот киднапер загинал во сегашната војна.
Ирачките власти велат дека Сидо е во добра физичка состојба, но е трауматизирана од долгогодишното заробеништво и од страшната хуманитарна ситуација во Газа.