Француското улично движење „жолти елеци“ сака и политички да се ангажира и ќе има свои кандидати на изборите за Европскиот парламент, што ќе се одржат во мај. Во прв момент, движењето излезе со десет имиња, но планира да ја зголеми листата на максимални 79.
„Жолтите елеци“ ги почнаа своите протести во ноември, првично поради зголемувањето на данокот на горивата, кои потоа прераснаа во општо незадоволство од економските политики на претседателот Макрон. За време на протестите, во Париз се случија некои од најголемите насилства во последните 50 години.
Листата на „жолтите елеци“ ја предводи Ингрид Левавасер, 31-годишна самохрана мајка од Нормандија, која ја обвини владата за арогантно однесување. Останатите кандидати се на возраст од 29 до 53 години и доаѓаат од различни социјални средини. Тие се нарекуваат себеси „Марш предводен од граѓани“ и засега немаат истакнат лидер.
Со проширувањето на листата на 79 кандидати, „жолтите елеци“ ќе ги нападнат сите места што ѝ следуваат на Франција во Европскиот парламент.