ЗОШТО НЕ СЕ ПОВИКАНИ ОРБАН И БОРИСОВ ВО БЕРЛИН, СЕ ПОЖАЛИ ВУЧИЌ ПРЕД СОСТАНОКОТ НА ЛИДЕРИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН СО МЕРКЕЛ И МАКРОН

    ЗОШТО НЕ СЕ ПОВИКАНИ ОРБАН И БОРИСОВ ВО БЕРЛИН, СЕ ПОЖАЛИ ВУЧИЌ ПРЕД СОСТАНОКОТ НА ЛИДЕРИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН СО МЕРКЕЛ И МАКРОНПремиерот Зоран Заев со претседателот на Србија Александар Вучиќ на промоција на проектот за интегрирано гранично управување на граничниот премин Табановце-Прешево на 2 септември 2018. (Фото: Ѓ. Личовски)

    На српскиот претседател Александар Вучиќ не му се допаѓа форматот и изборот на учесници на денешниот итен состанок во Берлин на лидерите од Западен Балкан со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, на кој главна тема ќе бидат односите меѓу Србија и Косово, а на кој ќе присуствува и македонскиот премиер Зоран Заев. Вучиќ прашува зошто не се повикани премиерите на Унгарија и Бугарија Виктор Орбан и Бојко Борисов, кога веќе се повикани Андреј Пленковиќ од Хрватска и Марјан Шарец од Словенија.

    „Немам ништо против Шарец, напротив, ама зошто Шарец, а не Данчила. Зошто Пленковиќ, а не Орбан, зошто не Борисов? Не е повикан ниту Милорад Додик, кој доби најголем број гласови во БиХ на последните избори, туку Денис Звиздиќ“, кажа Вучиќ синоќа во гостување на телевизијата „Пинк“.

    Тој зборуваше и за идејата за размена територии меѓу Србија и Косово, како еден од предлозите за решавање на спорот.

    „Прво да ги прашаат Словенците, па Заев, па Хрватите, па Ѓукановиќ, па Звиздиќ, па сите да ни објаснат нам како не треба да се менуваат границите, ’да живее независно Косово во овие граници‘, јас велам ’нема проблем, не сакаат ни Србите да ги менуваат границите‘, само не разбравме кои се тие граници“, вели Вучиќ.

    Заев и другите лидери на земјите од Западен Балкан попладнево во Берлин ќе имаат итен состанок со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. Присуството на Заев во Берлин го потврдија од македонската влада и најавија дека тој ќе има средби со Меркел и Макрон.

    Покрај Заев и Вучиќ, на состанокот во Берлин ќе присуствуваат Еди Рама од Албанија, Хашим Тачи од Косово, Мило Ѓукановиќ и Црна Гора и Денис Звиздиќ од БиХ. На состанокот се поканети и премиерите на Словенија и Хрватска, Марјан Шарец и Андреј Пленковиќ, а како гостинка ќе присуствува и Високата претставничка на ЕУ за безбедност и надворешна политика Федерика Могерини.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира