Скопскиот Буден театар, пред Нова година имаше премиера на една претстава со драгоцености. “Писмо никому” работена по текст на светски признатиот холандски автор на детска литература, Тоон Телехан, а во режија и координација на основачот на Буден театар, Милиана Ленак, е претстава создадена од децата бегалци кои се сместени во трназициските центри на Табановце, и кои не смеат да излезат оттаму, и деца од основното училиште „Кочо Рацин“ од Скопје.
Тие работеа преку видеопораки и видеодружби, а весели поштари, како што велат од Буден театар, беа Ленак со соработниците.
„Преку овој проект поддржан од Цивика мобилитас, пронајдовме креативен начин децата бегалци и покрај тоа што не ја напуштаат зоната на кампот, сепак да остварат контакт со деца од Македонија. За децата, пак, од Македонија ова беше прилика децата бегалци да добијат име и лик, односно од генерализирање, да се премине во субјективен однос. Нашата идеја беше со двете групи подетално да работиме креативни работилници врз база на приказните од книгата ‘Писмо некому и никому’ на холандскиот автор Телехен. Ова е една многу специјална книга, бидејќи комуницира и на теми како што се осаменоста, изолираноста, чувството дека си заборавен од другите. Тоа се теми кои, според мене, одлично кореспондираат со она кое го преживуваат децата бегалци во моментов, и книгата ни помогна на индиректен начин и преку игра да ги искомуницираме нештата кои ги мачат“, вели Ленак.
Таа додава дека децата брзо се снашле па го презеле водството, иницирајќи размена на подароци кои рачно ги изработувале едни за други, торти, колачиња, песни кои ги создавале и го учеле јазикот на другите.
„Со нетрпение очекуваа потоа на видео да погледнат како нивните пријатели се радувале на подароците. Круна на процесот требаше да биде средбата помеѓу двете групи, и за да биде уште поспецијално, одлучивме да направиме претстава, која заеднички ќе ја погледнат и во која ќе бидат искористени видеа од работилниците со децата. Оваа претстава ќе продолжи да се игра во Кино Култура, по реновирањето на просторот“, вели Ленак и додава дека е ова претстава која ја обожуваат, поради авторот и поради „апстрактниот и апсурдистички начин на комуникација и хумор, нетипичен за мaкедонскиот театар за деца, што поставува нови стандарди во креирањето за детска публика“.
Претставата „Писмо никoму“ е резулатат на работата на Буден театар од 2015 година од кога тие даваат поддршка на децата кои бегаат од војна, преку креативни активности.
„На почетокот, едноставно волонтерски доаѓавме на железничката во Гевгелија, и бевме таму за децата. Сега, кога бегалците се стациoнирани по кампови, процедурите се поинакви, и достапот до децата е возможен само преку конкретни проекти кои ги поминале сите легислативи“, велат од Буден театар кои се организатори и на фестивалот за претстави за деца „Фенер“. Тие велат дека за нив била природна одлуката фестивалот да е посветен на децата бегалци:
„За жал од позицијата на уметници, единствено што можеме да правиме, е да насочуваме внимание кон проблемот. А, проблемот е очигледен, светот на децата бегалци им ги ускрати правата кои им се гарантирани со Конвенцијата за правата на детето“.