Судијката Татјана Михајлова го прекина судското рочиште против обвинетиот експремиер Никола Груевски и уште 15 обвинети за нарачување и извршување на насилствата во Општина Центар, откако обвинителките од СЈО Катица Јанева и Фатиме Фетаи ги казни со по 2.000 евра поради „елементарно непочитување на судот“.
Фетаи на почетокот побара збор, но од Михајлова не го доби, затоа стана и почна да зборува: „Не сум дојдена судијке да ве видам колку сте убава. Вие во записникот од претходното рочиште сте направиле интелектуален фалсификат. Ја бараме аудиовизуелната снимка за да покренем кривична постапка против вас, оти вие во записникот од 16.12.2016 невистинито имате наведено дека јавноста е исклучена од судницата единствено во делот кога се слушаат снимките од прислушуваните разговори, а всушност новинарите беа истерани и кога јас како обвинител на СЈО се произнесов за моите аргументи за употребливоста на бомбите како доказ. Ќе ги викнам новинарите како сведоци во кривичната постапка што ќе биде покрената против вас“.
Тука Фетаи ја заработи првата казна од 1.000 евра од судијката Михајлова.
Потоа стана Јанева и реагираше: „Вие не знаете да водите записник. Треба да се срамите што го носите звањето судија и в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1“.
За овој коментар казна од 1.000 евра заработи и Јанева.
Потоа, како што зборуваа дека Михајлова направила фалсификат со записникот од претходното рочиште, што е кривично дело, така Фетаи и Јанева заработија уште по една казна од по 1.000 евра.
„Ова се пари од нашиот заеднички државен буџет, судија“, рече Фетаи.
По ова, Михајлова го прекина судењето, рече дека нема услови за одржување на процес и наложи во записник да влезе дека целокупниот материјал од денешното рочиште со сите списи да се достават до Советот на јавни обвинители, како според неа, надлежен врз СЈО. На ова Фетаи рече „Советот не е надлежен врз СЈО, вие само продолжете да го кршите законот“.
С. К. ДЕЛЕВСКА