Не смее да се молчи, туку секогаш треба да постои барем еден човек со свест за она што се случува околу нив и колку тоа не смее да се игнорира, бидејќи суштината на игнорирањето на генералното насилство е нормирањето на истото, рече екипата на филмот „17″, во режија на Косара Митиќ, на денешната прес-конференција.
Македонската премиера на филмот со голем аплауз беше поздравена синоќа на 26. Скопски филмски фестивал во Македонскиот народен театар, а од денеска игра на редовен репертоар во скопското кино Синеплекс.
„Се надевам дека тој впечаток кои младите ќе си го понесат ќе биде некаков повик за будење, ако може така да се каже”, рече глумицата Мартина Даниловска.
Режисерката Митиќ кажа дека иако филмот е инспириран од вистинска случка, тоа било маска и неа ја интересирало што стои зад тоа и како може никој да не забележи дека девојката е бремена.
Актерите говореа дека многу работеле и разговарале и меѓу себе и со Митиќ за снимањето на интимните сцени.
Главната актерка Ева Костиќ кажа дека за да одигра лик со искуство кое не го доживеала, имало многу истражувања, разговори и консултации со луѓе за породувања во болница, дома или во различни животни ситуации.
„Ги анализиравме сите емоции и типови за да се дојде до точен баланс за ликот на 17-годишна девојка која не знае што ѝ се случува во телото”, кажа Костиќ.
Светската премиера беше во февруари годинава на 76. Берлинале во селекцијата Перспективи. Во август, на 32. Сараевски филм фестивал, „17“ освои четири награди, а една од главните награди, „Срце на Сараево“ за најдобра актерка, ja освои Ева Костиќ за нејзината прва филмска улога.
По сценариото на Митиќ и хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ, филмот се снимаше пролетта 2024. Инспирација е вистински настан од 2016, кога студентка од Скопје го фрлила во корпа за отпадоци своето живородено бебе, во тоалет на граничниот премин Табановце и заминала на апсолвентска екскурзија во странство.
Митиќ досега режирала неколку кратки филма, меѓу кои „Црвената соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Намини бар еднаш“ (2013), кои биле прикажани на повеќе од 20 фестивали ширум светот.
- „17“ НА КОСАРА МИТИЌ ДОБИ СТОЕЧКИ ОВАЦИИ НА РЕГИОНАЛНАТА ПРЕМИЕРА ВО САРАЕВО
- ФАЛА НА БЕРЛИНАЛЕТО ЗА ШАНСАТА ДА ПОКАЖЕМЕ ПРИКАЗНА КОЈА ОДБИВА КОМФОР, РЕЧЕ КОСАРА МИТИЌ НА СВЕТСКАТА ПРЕМИЕРА НА ДЕБИТО „17“
Во „17“ играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.
„17″ е копродукција на македонската „Црна мачка продукција“ со „Арт&попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, поддржана од македонската Агенција за филм и филмските фондови на Србија и Словенија. Филмот доби 23 милиони денари (околу 345.000 евра) на првиот конкурс на Агенцијата за филм во 2021. Продуценти се Томи Салковски и Кристијан Буровски, кинематографер е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминката и фризурата на Карла Лазиќ (Србија), снимател на звук е Аљаж Лукан (Словенија), а монтажер е Дејан Смилески.
Филмот е македонски кандидат за Оскар за најдобар странски филм.
- „17“ Е ФИЛМ ЗА ТИШИНАТА ЗАД ЗАТВОРЕНИТЕ ВРАТИ, РЕЧЕ РЕЖИСЕРКАТА МИТИЌ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА БЕРЛИНАЛЕ
- „17“ Е ФИЛМ ЗА РАНЛИВИТЕ ТИНЕЈЏЕРИ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА КОСАРА МИТИЌ
Б. НЕСТОРОСКА



