Од Сараево за САКАМДАКАЖАМ.МК: Марина Лазаревска
Вкупно пет награди освоија два македонски филмови на 32. Сараевски филм фестивал – четири за „17“ дебито на Косара Митиќ и една „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума. Една од главните награди, „Срце на Сараево“ за најдобра актерка, ja освои Ева Костиќ за нејзината прва филмска улоgа во „17“.
Жирито на чело со актерката Емили Вотсон во кое членуваше и македонската актерка Сара Климоска, во образложението за наградата за Костиќ вели: „Бестрашен настап на сцената на млада актерска надеж. Изведба што е сирова, длабоко доживеана и водена од силен инстинкт. Таа ја исполнува улогата со исклучителна емотивна вистинитост, најавувајќи ја појавата на актерка со редок и моќен глас“.
„17“ освои и Специјална награда за промовирање на родова еднаквост, при што жирито вели: „Овој маестрално режиран филм не го поштедува гледачот од чувство на непријатност, прикажувајќи ги систематското занемарување и општественото табу поврзани со сексуалното злоставување и траумите на младите девојчиња. Суровата и клаустрофобична кинематографија се фокусира на исклучително самоуверената и потресна изведба на главната актерка, истовремено доловувајќи ја силната врска на женска солидарност. Тоа е крајна критика на патријархалната токсичност“.
Филмот ја доби и УниКредит награда од публиката, како и наградата на филмскиот протал „Синеуропа“, едно од партнерските признанија на фестивалот.
„Срце на Сараево“ за најдобар филм доби австрискиот „Секој пат“ на Сандра Волнер, а оваа награда во документарната селекција ја доби црногорскиот „Планина“ на Билјана Туторов и Петар Гломазиќ со што се квалификува и за Оскар. „Срце на Сараево“ за најдобра режија доби грузискиот „Споредна улога“ на Ана Урушадзе, а за најдобар актер наградата ја доби Адриан Ванчица за романскиот „Ти не припаѓаш овде“ на Флорин Шербан.

„Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума, ја доби Специјалната награда за младинска перспектива. (Фото: СФФ)
„Скејтањето не е за девојчиња“, вториот филм на Дина Дума, ја доби Специјалната награда за младинска перспектива, а жирито во кое членуваше и македонскито режисер Георги М. Унковски, во образложението вели дека „му припаѓа на филм со трогателна приказна за заедништвото, семејството и надежта што произлегува од чувството на припадност. Филмот нуди автентичен приказ на младоста и на способноста на поединците да дејствуваат во рамките на маргинализирани заедници, како и на нивната слобода да носат сопствени одлуки наспроти традицијата и општествените очекувања. Спротивставувајќи им се на стереотипите преку топла приказна што ги поврзува генерациите, ова е филм што останува во сеќавањето долго по гледањето“.
На годинешниот Сараевски филмски фестивал светска премиера имаше и документарецот „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски со преживеаните од пожарот во диското „Пулс“ во Кочани, како и краткометражниот „Кучињата немаат соништа“ на Ханис Багашов во програмата „Тин арена“.




