НАЈМНОГУ ИДЕНТИТЕТИ ЗА ИЗРАБОТКА НА ПАСОШИ ЗА МЕЃУНАРОДНИ КРИМИНАЛЦИ БИЛЕ КРАДЕНИ ОД НАШИ ДРЖАВЈАНИ ОД АЛБАНИЈА, КОСОВО, БУГАРИЈА И ТУРЦИЈА

    НАЈМНОГУ ИДЕНТИТЕТИ ЗА ИЗРАБОТКА НА ПАСОШИ ЗА МЕЃУНАРОДНИ КРИМИНАЛЦИ БИЛЕ КРАДЕНИ ОД НАШИ ДРЖАВЈАНИ ОД АЛБАНИЈА, КОСОВО, БУГАРИЈА И ТУРЦИЈАРеферентот-припадник на организираната група однапред знаел дека доаѓа кандидат за фалсификуван пасош, го примал барањето за пасош и го сликал. - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на отворање на канцеларии за вадење лични документи во Ростуше на 1 јули 2017 (Фото:СДК.МК)

    Уапсените референти и контролорката во Пасошкото одделение во МВР најмногу идентитети украле од наши државјани од Албанија, Косово, Бугарија и од Турција. Но, не краделе од кого било, туку по шема.

    Овие 219 македонски пасоши со крадење на туѓ идентитет биле изработувани во 2018, 2019 и 2020 година, во време на министрите Оливер Спасовски и Наќе Чулев. Соодносот на издадени фалсификувани патни исправи бил 2:1 во „корист“ на Спасовски. Од истрагата велат дека со оглед на начинот на кој биле наоѓани клиентите и крадени идентитети на наши државјани, засега нема индиции дека министрите имале воопшто поим што се случува во управните служби на МВР.

    Шемата одела 3 години на следниот начин: првин посредниците (за едниот е распишана меѓународна потерница), се обраќале кај контролорката Оливера С. дека криминалец баран со потерница сака да купи пасош со друг идентитет.

    Бидејќи сите што се на шалтер имаат пристап во базата на МВР со државјанства, првиот чекор што го правеле е гледаат кој добил македонско државјанство во последните 15, 16 или 17 години, како пресек. Кога системот ќе ги исфрли имињата на овие лица, одат на вториот чекор – проверуваат дали влегол и кога влегол во Република Северна Македонија. Оној кој се стекнал со државјанство, а не влегол во Македонија, е потенцијална жртва. Практично на тие лица им биле крадени личните податоци, идентитетот, па немало проблем врз нив да се стави вистинската фотографија на криминалецот.

    Истрагата од одземените телефони, компјутери, документација и од големиот доказен материјал бара дали се вмешани повисоки структури од МВР, но како што дознаваме, таа засега упатувала на заклучокот декана  организираната група не ѝ требал старешина за да го прави криминалот со пасошите.

    „На пример, ако ви треба македонска патна исправа со туѓ идентитет, потребен ви е посредникот, кој контактира со контролорката или со некој од референтите од шалтер. Треба точно кај некој од тие да отидете. Референтот-припадник на организираната група однапред знае дека доаѓате. Ви го прима барањето за пасош, ве слика. Го пополнува со податоци од лице кое претходно го нашол во системот, наш државјанин кој подолго време не влегол во Македонија“, раскажуваат за САКАМДАКАЖАМ.МК соговорници кои работат на истрагата.

    Контролорот, во случајов притворената контролорка Оливера С., „контролира“ и одобрува дека барателот е наш државјанин, фотографијата е негова, идентитетот е „негов“, личните податоци се точни, дека нема законска пречка да му биде издадена патна исправа.

    „Кога ќе помине ‘контролата’, отиде пасошот да се печати. Тие што ги печатат, немале поим за кого ги прават, бидејќи гарант за законитоста и исправноста на патната исправа е контролорот“, велат соговорниците.

    Тие во печатницата не се битни, ама битен, ако не и најбитен е човекот за издавање на пасошот. Криминалецот кога оди да си го земе пасошот, оди кај точно определен вработен, кој му го дава без отисок на прст. Односно, му дава да стисне на угасната ламба.

    Истрагата треба да утврди колку пари чинел еден таков македонски пасош, односно по колку наплаќала организираната група.

    За среќа, велат изворите, истрагата добила американска помош.

    „За рекордно кратко време колегите од Америка ги најдоа сите над 200 македонски кои оваа организирана група ги давала овие 3 години на меѓународни криминалци. Без разлика што се со краден идентитет од луѓе кои никогаш не биле во судир со законот. Ние самите никогаш немаше да ги најдеме, ќе најдевме можеби само неколку“, тврдат нашите соговорници.

    Истрагата дошла до докази и за незаконски издавани пасоши со уште пострашна варијанта, со креирање на измислени матични броеви.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира