Со 300 илјади евра целосно е реконструиран одделот „Машки 2“ во Психијатриската болница Скопје (Бардовци). Одделот е со површина од околу 600 квадратни метри, а денесka го го отвори министерот за здравство Сашо Клековски, во чест на Светскиот ден на менталното здравје.
„Пред четири децении, за време на моите студии, едно од двете најтешки искуства ми беа нечовечките услови во психијатриските установи. Работиме тоа да се смени. Со болницата е договорено, основниот буџет да вклучува средства за континуирани реконструкција, бидејќи тоа е потребно на психијатриските установи, кои со децении работеле во несоодветни услови“, изјави министерот.
Од Министерството за здравство велат дека претходно се реконструирани сите оддели во Специјалната психијатриска болница во Негорци, дел од Клиниката за психијатрија во Скопје, а следува реконструкција на Психијатриската болница во Демир Хисар.
Според Клековски, следната година Министерството за здравство планира да започне со спроведување на проект за центри за ментално здравје на младите.



