Десет илјади и 530 дози од вакцината „Фајзер“ попладнево стигнаа во земјава, соопшти Министерството за здравство. Оваа пратка Министерството ја обезбеди со директни преговори со американскиот производител, а стигнаа преку Софискиот аеродром. Вакцините од среда ќе бидат распределени по вакциналните пунктови во државата, каде се одвива вакцинација согласно Националната стратегија за ковид имунизација.
Од Министерството минатата недела за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека се вакцинираат повозрасните граѓани над 73 години и имунизацијата ќе продолжи согласно Националниот план за имунизација, каде се предвидени хронично болните во приоритетниот распоред согласно старосната група во која припаѓаат.
На 28 април во земјава ќе стигнат 200 илјади кинески вакцини, а уште 10 илјади вакцини „Фајзер“ на 26 април. Преку Ковакс-механизмот 76.000 дози на „АстраЗенека“ би требало да стигнат до крајот на месецов. Вакцините преку трипартитни договори со Европската Унија се очекуваат на почетокот на мај.
Министерот за здравство Венко Филипче неодамна најави дека се планира и масовна вакцинација во уште шест градови: Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово, каде подготовките се веќе во тек.
Во земјава досега се вакцинирани 38.971 граѓанин, од пријавени 177,549.
Б. НЕСТОРОСКА