Дваесет и девет отсто од граѓаните од возрасната група меѓу 18 и 39 години е вакцинирана со една доза против ковид-19, стои во анализата на Министерството за здравство. Заклучно со 4 септември, со една доза на вакцина против овид 19 вакцинирани се 44,6% од севкупното население над 18-годишна возраст. Вкупно 54% од граѓаните над 40 години имаат примено барем една доза на вакцина.
Според последните податоци, најголем опфат со една доза на вакцина има во Неготино 63,4%, Кавадарци 62,3% и Охрид 61,4%. По нив, најмногу вакцинирани со прва доза има во градовите Гевгелија 59,8%, Берово 56%, Ресен 57,2%, Битола 55,8%, Ресен 57,2%, Пехчево 53%, Крушево 52,3%, Валандово 53,3%, Штип 51,9%, Пробиштип 50,5%.
Помеѓу 40-50% опфат на вакцинирано население со барем една доза на вакцина има во градовите Демир Хисар, Велес, Св.Николе, Кочани, Делчево, К.Паланка, Струга, Прилеп, М.Брод, и Скопје, а помеѓу 30-40% опфат во градовите Кичево, Виница, Куманово, Кратово, Струмица, Тетово, Гостивар, Радовиш. Најмал процент од населението, вакцинирано со барем една доза вакцина има во градовите Гостивар 30,5% и Дебар 31,7%.
„Состојбата со ковид-19 постепено се смирува, но и понатаму не смее да има опуштање, а вакцинирањето треба да биде приоритет“, порачуваат од Ковид-центарот во тетовската Клиничка болница. Таму има 84 хоспитализирани лица, од нив 8 се со примена прва доза од вакцината додека 6 се со примени две дози од вакцина, но и тие, вакцинираните, се со коморбидитети.
„Мислам дека досега 38 проценти од населението во Тетово е вакцинирано и тоа е една од причините што постепено опаѓа бројот на заболените“, вели д-р Миринда Пајазити од Ковид-центарот во Клиничката болница во Тетово.
Изминатиов период расте интересот за вакцинирање во Тетово а тоа се гледа и од големите гужви кои се создаваат пред вакциналните пунктови. Од вчера Регионалниот вакцинален пункт кој се наоѓаше во спортската сала во средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово е затворен бидејќи започна учебната година. Наместо него отворени се пунктови во Музејот на тетовскиот крај и во село Порој, а од вчера почна да работи и новоотворениот пункт во Домот на културата во Тетово каде се дава само втора доза од вакцината. На овој пункт турканиците се најголеми. Иако војската и полицијата содаваат ред за оние што треба да влезат според закажаниот термин, наоколу има голен број лица кои без да држат растојание меѓу себе, се насобрани и чекаат да влезат.
Министерството за здравство апелира за вакцинација , особено до помладата популација на граѓани во периодот што следува.
„Вирусот не ги исклучува младите, а на тоа укажуваат бројките од последите анализи. Потребно е сега младите активно да се вклучат во опфатот со вакцинација и само на овој начин, со што поголем процент на вакцинирано население помеѓу помладата популација ќе го зацврстиме колективниот имунитет и заеднички ќе создадеме бариера на секој иден епидемиолошки бран предизвикан од вирусот ковид-19“, потенцира Министерството.
З. АНДОНОВ