Од 6 август до 9 септември од ковид-19 во земјава починале 678 лица, при што 591 (87%) од починатите не биле вакцинирани, а 87 починат (12%) примиле вакцина против коронавирус, стои во неделната анализа на Министерството за здравство. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.
Во период од 6 август до 9 септември, во земјава се регистрирани 26.053 ковид позитивни граѓани. Од нив 19% биле целосно вакцинирани, односно 5.175 лица.
Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19, потенцира Министерството. Според статистиката за изминативе пет недели, 20.878 граѓани, односно дури 80% од позитивните на ковид 19-не биле вакцинирани.
Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 84%, додека 16% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.
Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, кои некои од пациентите ги примиле во странство.
На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 754.271 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 1.959 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 16.737 граѓани.
Во државата вкупно се аплицирани 1.358.067 дози вакцини, а ревакцинирани се 603.795 граѓани.
Со последните бројки 54% од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 30% од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.