АНГИОГРАФОТ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ ПРЕД РАСПАД ПО ЗГОЛЕМЕНИОТ БРОЈ ПОСТКОВИД МОЗОЧНИ И СРЦЕВИ УДАРИ

    АНГИОГРАФОТ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ ПРЕД РАСПАД ПО ЗГОЛЕМЕНИОТ БРОЈ ПОСТКОВИД МОЗОЧНИ И СРЦЕВИ УДАРИБолницата „8 Септември“ е главен Ковид-центар во земјава од почетокот на коронакризата и тука се лекуваат најтешките случаи со компликации од ковид-19. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Ангиографот во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ е пред распад по зголемениот број на мозочни и срцеви постковид инфaркти, реагираат лекари од болницата, кои сакаат да останат анонимни. Тие велат дека прашање на ден е кога тој сосема ќе откаже со што без услуга од интервента радиологија и кардиологија ќе останат пациенти од целата држава.

    Директорот на болницата д-р Христијан Костов за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдува дека станува збор за апарат стар десет години кој е сѐ уште исправен, но вели тој, се користи 24 часа, практично од сабајле до другото сабајле. Тоа е апарат за иследување на крвните садови на мозокот, вратот, аортата, екстремитетите. Со него се откриваат најчесто стеснувања на артериите кои во текот на прегледот може и да се дилатираат и стентираат, а со тоа истовремено да се изврши и интервентна процедура. Се користи и при операции за инфаркти, вградување на стентови.

    „Ние имаме интервентна радиологија број еден во земјава, тука се прегледуваат пациенти од цела Македонија. Од 7 до 15 часот на апаратот работат интервентни радиолози, а од 15 до 20 часот кардиолози. Навечер пак имаме дежурни кои особено сега во ковид кризава се соочуваат со  невообичаено многу мозочни и срцеви инфаркти“, ни рече директорот Костов.

    Тој вели дека е во постојани преговори со Министерството за здравство и со Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) за набавка на нов апарат, со што Болницата би имала два вакви апарата за да не биде едниот преоптоварен и да може да им се излезе во пресрет на сите пациенти од државава. Апаратот чини околу 450 илјади евра, а директорот вели дека досега успеал да обезбеди две третини од цената преку донации.

    Болницата „8 Септември“ е главен Ковид-центар во земјава од почетокот на коронакризата и тука се лекуваат најтешките случаи со компликации од ковид-19.

    Директорот вели дека иако неколку одделенија со речиси 140 кревети се претворени во ковид одделенија, болницата уште функционира и со редовни пациенти, а апаратите за дијагностика и интервенции се истите со кои пациентите се третирале и во нормална состојба.

    Вработените во болницата велат дека има проблем и со функционирањето на апаратот за магнетна резонанца. Дотраен е и често се расипува. Тоа го потврдуваат и пациенти кои ја контактираа нашата редакција. Велат дека за да им се направи специјалистичка интервенција во „8 Септември“ пред тоа морале да закажуваат магнетна резонанца во други здравствени установи.

    Директорот Костов вели дека станува збор за тековен дефект и очекува од понеделник да работи, иако вели „и тој треба да се замени со нов оти овој е искористен до максимум“.

    Сите три апарати за компјутерска томографија сега се исправни и функционираат со полна пареа, вели Костов. Од нив едниот апарат се користи исклучиво за снимање на пациентите со ковид-19.

    Во „8 Септември“ дневно се прават и по 120 до 150 рентген снимања на белите дробови на пациенти што се лекуваат од ковид-19.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира