БЕСПЛАТНО ТЕСТИРАЊЕ СО БРЗИ ХИВ ТЕСТОВИ ЦЕЛА НЕДЕЛА ВО МЛАДИНСКИОТ ЦЕНТАР НА „ХЕРА“

    БЕСПЛАТНО ТЕСТИРАЊЕ СО БРЗИ ХИВ ТЕСТОВИ ЦЕЛА НЕДЕЛА ВО МЛАДИНСКИОТ ЦЕНТАР НА „ХЕРА“Годинава, ХЕРА ја одбележа и пролетната Европска недела на тестирање за ХИВ споделувајќи „ХИВ позитивни приказни: Животот го живеам во сите бои“, односно приказни на 7 луѓе кои живеат со ХИВ во Македонија. (Фото: ХЕРА)

    Од денес до 29 ноември има бесплатно тестирање со брзи ХИВ тестови во Младинскиот центар на ХЕРА, велат од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување. Бесплатното и доверливо тестирање и советување за ХИВ е достапно во Центарот на ХЕРА „Сакам да знам” на Водно секој работен ден од 16 до 20 часот и за време на викендот од 11 до 15 часот. За подетални информации и за закажување, граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950.

    Со овој настан, осма година по ред се одбележува Европската недела на тестирање за ХИВ.

    „Да се знае својот ХИВ-статус што порано е важно, затоа што денес благодарение на терапијата за ХИВ, која е достапна и бесплатна кај нас, луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата кои немаат ХИВ, доколку добиле навремен третман. Од друга страна, редовното земање на терапијата за ХИВ е и еден од најефективните начини на превенција на вирусот, бидејќи терапијата го потиснува вирусот до т.н. недетектабилно ниво, при што е невозможно ХИВ да се пренесе на друго лице по сексуален пат“, велат од ХЕРА.

    Тие потсетуваат дека е достапна и мобилната андроид апликација Направи ХИВ тест, преку која може да добијат информации поврзани со ризикот од пренос и заштитата од ХИВ, како и да ги дознаат сите локации низ земјата каде што може да се направи бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ. Апликацијата може бесплатно да се преземе на Гугл плеј.

    Европската недела на тестирање за ХИВ е меѓународна иницијатива кон која се приклучуваат повеќе од 600 организации низ Европа за да ја подигнат свесноста за важноста на навременото тестирање за ХИВ и на пристапот до терапија за ХИВ.


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира