ПАЦИЕНТИТЕ СО ПОСТКОВИД ПРОБЛЕМИ ЌЕ СЕ РЕХАБИЛИТИРААТ ВО БОЛНИЦАТА ВО ОТЕШЕВО

    ПАЦИЕНТИТЕ СО ПОСТКОВИД ПРОБЛЕМИ ЌЕ СЕ РЕХАБИЛИТИРААТ ВО БОЛНИЦАТА ВО ОТЕШЕВОТимот за постковид пациенти е составен од специјалист по физикална медицина, специјалист по интерна медицина, субспецијалист пулмолог и физиотерапевти. (Фото: Фејсбук)

    Постковид пациенти ќе се рехабилитираат во Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на белодробни заболувања во Отешево. Министерството за здравство вели дека Болницата подготви дел наменет за пациенти за постковид рехабилитација. Оваа Болница е единствена од ваков вид во државата за пулмонална и физикална рехабилитација која постои и работи 40 години.

    Вкупно ковид дијагностицирани лица досега во земјава се 154.725, оздравени се 146.043, починаа 5.230, а активни случаи се 3.452.

    „Голем дел од пациентите кои прележаа ковид-19 се соочуваат со потешкотии во дишењето и движењето и истите полесно би се надминале со стручна помош односно со респираторни и физикални вежби. Резултатите од оваа рехабилитација имаат голем бенефит по здравјето на овие болни и оваа рехабилитација претставува важен сегмент во здравствениот систем“, вели Министерството.

    Тимот е составен од специјалист по физикална медицина, специјалист по интерна медицина, субспецијалист пулмолог и физиотерапевти. Секој пациент добива индивидуален пристап во зависност од неговата состојба. Рехабилитацијата трае различно во зависност од здравствената состојба на пациентот.

    Најчестите симптоми на кои се жалат постковид пациентите се отежнатото дишење, мускулната слабост, малаксаност, болки во коските и мускулите, а со тоа и нарушен квалитет на живот. Овие пациенти имаат потреба од функционални физички и респираторни вежби.

    „Тимот за физикална рехабилитација преку примена на соодветни мерења и тестирања врши проценка на пулмоналниот и физичкиот статус на болниот, мерење на срцева фреквенција, мерење на гасни анализи пред и после физичката активност. Според овие резултати тимот составува соодветен програм со кој го води пациентот низ процесот на рехабилитација“, додаваат од Министерството.

    Како водечки сегмент е респираторната рехабилитација со вклучување на вежби за дишење, вежби во природа и прошетки покрај езеро во придружба на физиотерапевт, специфични вежби, апарати за физикална терапија за зајакнување на мускулна маса на болниот.

    Целта е, велат лекарите,  да се намалат респираторните потешкотии, да се ублажат симптомите, да се контролира анксиозноста, да се намалат компликациите и на крај да се подобри квалитетот на животот.


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира