Кинеската вакцина против ковид-19 на „Синовак“ од денес почна да се аплицира на вакциналните пунктови низ државата, освен во Скопје и Битола, каде имунизацијата со оваа вакцина ќе започне од утре, велат од Министерството за здравство. Вакцинацијата во земјава во моментов се одвива со вакцините на „Фајзер“, „АстраЗенека“ и „Синовак“.
Според проф. д-р Александра Грозданова, национална координаторка за имунизација, кинеските вакцини на „Синовак“ и „Синофарм“ претставуваат класични вакцини каде е инјектиран ослабен вирус односно технологија за добивање вакцини која се користи децении и е многу позната.
Оттука, вели Грозданова, кај широката популација можеби се доживува како една од најбезбедните платформи во однос на новите вакцини како што беа мРНА вакцините. Во однос на возраста на којашто се дава, вакцината на „Синовак“ нема ограничување во Кина и се аплицира и кај деца над 3-годишна возраст.
Оваа вакцина кај нас ќе се користи над 18 години и без ограничување на возраста кај возрасните лица. Вакцината „Синовак“ се препорачува и за доилки и трудници.
„Вакцината е доста безбедна и ефикасноста се движи помеѓу 56 и 78 отсто. Истата е препорачана од страна на Светската здравствена организација (СЗО) и веќе неколку земји во светот ја користат. Очекуваме и интересот на граѓаните особено по појавувањето на делта сојот односно индискиот сој да се зголеми. Втората доза се дава помеѓу 14 и 28 дена и во нашите протоколи ќе биде избран 21 ден односно на три недели ќе се аплицира втората доза“, вели Грозданова.
Според последните податоци од Министерството, на вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 321.815 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 11.220 граѓани, а вчера се вакцинирале 12.994 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 542.699 дози вакцини, а ревакцинирани се 220.884 граѓани.
Преку веб платформата vakcinacija.mk се пријавиле 469.212 граѓани.
Според последните бројки, 52 % од пријавеното население над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 49 % од пријавеното население над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 43 % од пријавеното население над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Б. НЕСТОРОСКА