ПРЕЛЕЖАНИТЕ ОД КОВИД-19 НЕ ТРЕБА ДА МЕРАТ АНТИТЕЛА, НЕМА ВЛИЈАНИЕ ВРЗ ВАКЦИНАЦИЈАТА, ПРЕПОРАЧУВА НАЦИОНАЛНИОТ КОМИТЕТ ЗА ИМУНИЗАЦИЈА

    ПРЕЛЕЖАНИТЕ ОД КОВИД-19 НЕ ТРЕБА ДА МЕРАТ АНТИТЕЛА, НЕМА ВЛИЈАНИЕ ВРЗ ВАКЦИНАЦИЈАТА, ПРЕПОРАЧУВА НАЦИОНАЛНИОТ КОМИТЕТ ЗА ИМУНИЗАЦИЈАКај лицата кои се комплетно имунизирани (со две дози од вакцината против ковид-19, по поминати 14 дена од втората доза) мали се шансите при контакт на вирусот да се инфицираат и да бидат позитивни. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Прележувањето ковид-19 не претставува пречка за вакцинација и лицата кои ја имаат прележано болеста треба да се вакцинираат. Одредување на нивото на антитела не се препорачува и нема влијание врз вакцинацијата, вели Националниот комитет за имунизација, додавајќи оти временскиот период од оздравувањето од болеста до вакцинација е најмалку месец дена.

    За препораките за имунизација Комитетот се води од потврдени и прифатени податоци и докази од здравствените организации одговорни за следење на инфективните болести, како Европскиот и Американскиот Центар за инфективни заболувања (ЦДЦ и ЕЦДЦ), од регулаторните медициски агенции ЕМА и ФДА и од Светската здравствена организација (СЗО).

    Препораките од сите овие организации е дека за комплетна имунизација против ковид-19 потребно е добивање на две дози вакцина (со исклучок на вакцината „Јансен“ која се прима само во една доза) во дефиниран интервал, 14 дена по примање на втората доза.

    • Во однос на типот на вакцините, потребно е имунизација да се изведе со вакцина од ист прозводител, освен доколку не постои здравствена контраиндикација за истото.
    • Имунитетот кој се создава по прележување на болеста како и самиот тек на болеста е индивидуален и може да биде комплетно асимтоматски со постигнување на послаб имунитет, до тешки облици и компликации од болеста и состојби на т. н. пролонгиран ковид.
    • Кај лицата кај кои во тек на лекувањето дадена е терапија со моноклонални антитела или конвалесцентна плазма, вакцинацијата може најрано да биде по 3 месеци од терапијата и комплетно оздравени од болеста.
    • Кај лицата кои во периодот меѓу примање на двете дози од вакцината против ковид-19 се потврди дека се позитивни, втората доза на вакцината се одложува до период кога лицето ќе биде комплетно оздравено од болеста.

    „Одредени научни истражувања кои сè уште се лимитирани упатуваат дека кај прележаните лица со ковид-19 можно е да е потребна само една доза на вакцина. Сепак, бидејќи нема точни податоци колкава заштита обезбедува само една доза вакцина, овој став не е прифатен од релевантните здравствени регулаторни тела“, додаваат од Комитетот.

    Според Националниот комитет, кај лицата кои се комплетно имунизирани (со две дози од вакцината против ковид-19, по поминати 14 дена од втората доза) мали се шансите при контакт на вирусот да се инфицираат и да бидат позитивни, но тие се со полесни симптоми на болеста.

    „Вакцината обезбедува заштита од развој на тешки облици на болеста и смртност. Податоците покажуваат дека кај лицата кои се вакцинирани доколку се развијат симптоми, болеста минува многу поедноставно и без тешка клиничка слика. Епидемиолошките податоци на светско ниво покажуваат дека болеста се шири и доаѓа до заболување на лицата кои не се вакцинирани, а во овој бран доминантно тоа се младите лица како популација, кај кои процентот на вакцинација е најнизок“, потенцираат здравствените експерти.

    На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 624.819 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 11.925 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 16.955 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.115.988 дози вакцини, а ревакцинирани се 491.169 граѓани.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира