Граѓаните на Прилеп и Гевгелија и нивните региони за првпат добија нови Комисии за туѓа нега или поконкретно Комисија за издавање на конзилијарно мислење за корисниците на правото за надоместок за помош и нега од друго лице и надоместок за попреченост.
Како што соопшти Министерството за здравство, покрај постоечките комисии, новата во Прилеп ќе ги покрива и општините Крушево, Македонски Брод, Долнени и Кривогаштани, а новоформираната Комисија во Гевгелија освен оваа општина ќе ги опфати и општините Богданци, Валандово и Дојран.
„Со формирањето на двете нови Комисии за овие места ќе се намали периодот на чекање на граѓаните кои треба да го остварат правото на надоместок за помош и нега од друго лице. Сега граѓаните не треба да патуваат и нема да се изложуваат на дополнителни трошоци за одење во друго место, далеку од градот во кој живеат“, велат од Министерството.
Изминатиов период се зголемени термините за разгледување на медицинската документација за секоја од стручните комисии од 200 на 280 барања месечно.