Од почетокот на следната недела се затвораат Ковид-центрите на Кожната клиника и на Неврологија, кажа денеска министерот за здравство Венко Филипче. Министерот рече дека засега не се планираат дополнителни мерки и рестрикции во пресрет на новогодишните празници, дека болниците се растоварени од ковид пациенти, и дека од следната недела, со ковид пациенти ќе работат Клиниката за инфективни болести и Институтот за белодробни заболувања.
„Сметаме дека ова што е сега препорака, во однос на излез и влез во земјата, да се бара целосна вакцинација, ПЦР тестирање или потврда за прележан ковид е сосема доволно. Сметам дека опфатот со вакцината, според новиот попис, кој е меѓу 50 и 55 отсто ако се исклучат децата, сепак е висок процент. Жал ми е што спласна интересот и нема за кратко време да постигнеме 70-80 проценти опфат. Тоа што болниците се растоварени, дополнително ни дава за право да сметаме дека ситуацијата е мирна. Нормално, не може да предвидиме како ќе биде, дали нова варијанта на вирусот ќе придонесе да се влоши епидемиолошката ситуација, затоа акцент ставаме на вакцинацијата. Има официјални податоци од студии дека значајно се зголемува ефикасноста против омикрон кога се прима третата бустер доза. Инсистираме вакцинацијата да продолжи, граѓаните кои се вакцинирани со две дози да ја примат и третата. Сметаме дека е тоа е излезот од кризата“, рече Филипче по посетата на Клиниката за ортопедија.
Вкупно ковид дијагностицирани досега се 221.744, од кои здравени се 208.724, починаа 7.838, а активни се 5.182 болни.
Б. НЕСТОРОСКА