ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОВИД-19 НЕМА ДА ДОЗВОЛИ ТЕШКА БОЛЕСТ И УМИРАЊА, ВЕЛАТ ЗДРАВСТВЕНИТЕ СТРУЧЊАЦИ

    ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОВИД-19 НЕМА ДА ДОЗВОЛИ ТЕШКА БОЛЕСТ И УМИРАЊА, ВЕЛАТ ЗДРАВСТВЕНИТЕ СТРУЧЊАЦИВо земјава, според Филипче, досега се вакцинирани околу 300 илјади граѓани, а ревакцинирани се 215 илјади. (Фото: К. Попов)

    Вакцините против ковид-19 нема да дозволат тешки симптоми и умирања, заклучи проф. д-р Драган Даниловски на денешната трибина „Вакцинација и предизвици против ковид-19“, организирана од Министерството за здравство. Епидемиологот Даниловски, кој е и раководител на Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика, беше дел од трибината заедно со министерот за здравство Венко Филипче, проф. д-р Александра Грозданова, национална коордонаторка за имунизација, и д-р Александар Петличковски, директор на Институтот за имунибиологија.

    Стручните лица истакнуваа дека придобивките од вакцинацијата се огромни, апелираа дека сите треба да се пријават преку сајтот vakcinacija.mk или преку матичните лекари, дека периодов се чувствува ефикасноста од имунизацијата, како и дека сите вакцини одобрени од Светската здравствена организација (СЗО) се безбедни и штитат од тежок тек на болеста.

    Говорејќи за тоа дали има студии колку од лицата кои прележале алфа сој (британски) на ковид-19 се инфицирале со делта (индиски) и колку целосно вакцинирани лица се заразиле, Петличковски кажа дека досега не видел сериозна студија со испитаници, но очекува тој процент да биде под 5 отсто.

    „Искуствата со делта варијантата во Велика Британија и во Израел покажаа дека 95 оттсо од сите заболени се од категоријата невакцинирани и вакцинирани со една доза. Во невакцинираните спаѓаат младите лица кои имаат отпор кон вакцинирањето. Оние кои примиле две дози, не дека се 100 отсто заштитени,  и од нив некој може да се зарази, но вакцините нема да дозволат тешки симптоми и умирања“, потенцираше д-р Даниловски.

    Во земјава, според Филипче, досега се вакцинирани околу 300 илјади граѓани, а ревакцинирани се 215 илјади.

    „Добрата покриеност на населението ни нуди гаранција дека нема да развијат тешка болест и нема да имаат сериозни индикации. Не постои вакцина со несакани ефекти, но кога ќе ги разгледаме бројките, ептен е јасно дека се исклучително безбедни вакцини. Од почетокот досега се покажа дека најдобра вакцина е онаа што е достапна“, рече д-р Петличковски.

    Во однос на тоа дали треба да се вакцинираат младите лица, Петличковски кажа дека здравствените власти имаат други приоритети, но смета дека е исправно вакцинирањето на децата, бидејќи во спротивно се остава празен простор каде вирусот би се раширил.

    „Препораката од СЗО е дека онаму каде достапноста на вакцините не е доволна за поголем број од населението, вакцините за деца треба да бидат второстепени. Кога би се вакцинирале деца, треба да се даде приоритет на оние кои се со хронични болести или со состојби кои ги ставаат во ризична категорија. Потребната покриеност за имунизација е 80 отсто на населението. Без вакцинацијата на адолесцентите, на лицата над 16, односно 18 години, не може да се разговара за потребната покриеност“, кажа д-р Грозданова.

    Министерот кажа дека очекува околу 15-20 јули да се почне со теренска вакцинација во руралните места, дека се подготвуваат возила на здравствените домови и дека тој процес се олеснува благодарение на малите компактни фрижидери.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира