ВРЕДЕШЕ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ПАЦИЕНТИ ЕДНА ГОДИНА ДА СПЕЦИЈАЛИЗИРАМЕ ВО СИБИР, ВЕЛАТ КАРДИОЛОЗИТЕ РИСТЕСКИ И ТАЛЕСКИ КОИ ВОВЕДОА НОВА ПРОЦЕДУРА ЗА ЛЕКУВАЊЕ СРЦЕВИ АРИТМИИ

    ВРЕДЕШЕ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ПАЦИЕНТИ ЕДНА ГОДИНА ДА СПЕЦИЈАЛИЗИРАМЕ ВО СИБИР, ВЕЛАТ КАРДИОЛОЗИТЕ РИСТЕСКИ И ТАЛЕСКИ КОИ ВОВЕДОА НОВА ПРОЦЕДУРА ЗА ЛЕКУВАЊЕ СРЦЕВИ АРИТМИИПроф.д-р Шиме Манола, д-р Јане Талески, д-р Филип Јанушевски, Ивица Бенко техничар од Загреб и д-р Дејан Ристески на една од интервенциите на Кардиологија. (Фото: Клиника за кардиологија)

    Се чувствувам како сибирската бајка да ми стана реалност, вели д-р Дејан Ристески, раководител на Одделот за електрофизиологија на Клиниката за кардиологија, кој со колегата електрофизиолог д-р Јане Талески на 7 и 8 октомври ги направија првите процедури на радиофреквентна аблација на преткоморна фибрилација со помош на 3-Д мапинг систем во земјава. Двајцата доктори една година престојувале и се едуцирале за напредната електрофизиологија на Клиниката Мешалкина во Новосибирск, и велат, се единствени експерти за оваа област во Македонија.

    Во тимот на двајцата електрофизиолози беа и сестрите/техничари Марко Живковиќ, Марија Стојаноска, како и колегите од Загреб, Хрватска проф. д-р Шиме Манола, Ивица Бенко и Иван Симеуновиќ  од Србија.

    Процедурата, како што вели директорот на Клиниката за кардиологија, д-р Жан Зимбаков, е минимално инвазивна и се изведува во лесна аналго-седација. Пациентот еден ден по изведување на процедурата, може да биде испишан на домашно лекување. 3-Д мапинг системот, вели тој, креира тридимензионална анатомска слика на внатрешните структури на срцето (преткомори и комори) и му овозможува на докторот да го следи ширењето на електричните импулси во срцето и нарушувањата на истите (аритмии).

    Д-р Ристески за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека електрофизиологијата претставува дел од кардиологијата која се занимава со минимално инвазивен третман на срцеви аритмии т. е . аблација на фокусот на аритмиите. Пристапот е преку феморалната вена во локална анестезија. Напредната електрофизиологија вклучува аблација на комплексни аритмии на 3-Д мапинг систем т. е. систем кој овозможува користење на магнетно поле за ориентација на дијагностички и аблативни катетри во срцевите шуплини, откривање на фокусот на аритмијата и елиминирање на истото како причина за појава на аритмијата.

    „Почетоците на мојата специјализација во напредната електрофизиологија се во 2013 преку моја едномесечна едукација во болницата ‘Роналд Реган Ју-Си-Ел-Еј’ во Лос Анџелес, заедно со д-р Јане Талески по што следеше и едногодишен престој и едукација во Клиниката Мешалкина во Новосибирск до октомври 2014. Всушност престојот во Новосибирск беше прв европски грант за електрофизиологија кој е доделен на Македонец воопшто во ова поле. Грантот ми беше свечено доделен на Европскиот кардиолошки конгрес одржан во Атина летото 2013. Една година непречена работа во сала во Сибир, на 6.500 километри оддалеченост од Македонија, значеше голема жртва за фамилијата, но и многу искуство од високо професионални колеги од Русија“, го споделува своето искуство д-р Ристески.

    Три години после едукацијата во Новосибирск, д-р Талески оди на шестмесечен престој и едукација во Загреб, Хрватска. Последниве 3 години се работи напорно на полето на електрофизиологијата. Бројот на интервенции се зголемил на 160 аблации годишно и во квантитет и во квалитет, а 3-Д мапинг системот значи квалитет плус и корист за пациентите од неколку причини.

    За првите процедури беа претежно селектирани пациенти со преткоморна фибрилација, но и пациенти со присутен акцесорен пат и коморни аритмии. (Фото: Ж. Зимбаков)

    „За овој вид на процедури пациентите беа праќани во странство и за нив Фондот за здравство издвојуваше по 10.000-12.000 евра по пациент. Што значи – пациентите не мора да одат во странство на лекување и Фондот за здравство ги намалува трошоците за овој тип на интервенции. Од оваа перспектива, после поминати 7 години и многу премрежја, можам да кажам дека се исплатеше. Не само за мене, за тимот, туку пред сѐ за пациентите на кои како доктори сме посветиле многу од своите животи“, ни рече д-р Ристески.

    Минатата недела во Скопје биле направение пет аблации на 3-Д мапинг систем-CARTO, четворица пациенти со атријална фибрилација и една пациентка со коморни екстрасистоли-RVOT. Всушност, продолжува тој, атријалната фибрилација е најчестата аритмија во светот и кај нас, со 2% застапеност во целокупната популација и таа е најодговорна за исхемичен мозочен удар кај пациентите. Решавањето на овој тип аритмија на ваков модерен, високософистициран начин особено за млади пациенти значи подобар квалитет на живот за пациентите. Интервенциите поминале со уреден тек, висок успех и без компликации. Во наредните два дена пациентите биле испишани дома.

    За процедурата разговаравме и со директорот на Клиниката д-р Зимбаков, кој кажа дека 3-Д мапинг системот се користи за детектирање на каскадата на електрични импулси кои отстапуваат од нормалниот срцев ритам, нивна прецизна локација и во понатамошна процедура на радиофреквентна аблација, нивно онеспособување, со што би се постигнало излекување на аритмијата и нормализирање на срцевиот ритам.

    Решавањето на овој тип аритмија на ваков модерен, високософистициран начин особено за млади пациенти значи подобар квалитет на живот за пациентите. (Фото: Ж. Зимбаков)

    „Со набавување на 3-Д мапинг системот, на Клиниката за кардиологија за првпат започна да се применува ‘изолацијата на пулмоналните вени’ како инвазивна метода за лекување на преткоморна фибрилација. Преткоморната фибрилација е аритмија која е застапена во 1-2% во општата популација, но овој процент се покачува до 10%, кај луѓето на возраст над 75 години. Пациентите со атријална фибрилација, имаат зголемен ризик од мозочен удар, срцева слабост, имаат полош квалитет на живот, почести хоспитализации, како и зголемена смртност. Методата ‘изолација на пулмоналните вени’ се препорачува кај пациентите со преткоморна фибрилација кои имаат симптоми од истата и често бараат лекарска помош за враќање на срцето во нормален ритам. Значајно е поуспешна од земањето на лекови за одржување на срцето во нормален ритам. Кај пациенти кај кои се интервенирало навремено, пред да дојде до поголеми промени на срцевите структури се очекува успешност од 95-99% во период на следење до 12 месеци, односно отсуство на епизоди на аритмија кај повеќе од 80% од пациентите. Првите процедури во нашиот центар беа изведени од тимот за електрофизиологија и електростимулација на срцето. За првите процедури беа претежно селектирани пациенти со преткоморна фибрилација, но и пациенти со присутен акцесорен пат и коморни аритмии“, појаснува д-р Зимбаков.

    Според д-р Ристески, 7 и 8 октомври 2021 длабоко ќе бидат врежани во историјата на електрофизиологијата во Македонија и Клиниката за кардиологија како голем ден за електрофизиологијата и континуитет и квалитет плус на досегашниот ангажман на сите нивни колеги кои 20 години работеа на ова поле.

     

    Пациентите не мора веќе да одат во странство на лекување и Фондот за здравство ги намалува трошоците за овој тип на интервенции, вели д-р Ристески. (Фото: Клиника за кардиологија)

    „За првпат во Македонија после 30 години постоење на електрофизиологијата, направени се интервенции со ваков квалитет и опрема која е високо софистицирана, прецизна и која дава висок успех и мали компликации. Пациентите решаваат животен здравствен проблем, а ризикот за компликации е сведен на минимум. Тоа е целта на секоја интервенција, на секој оператор. Primum nil nocere! (н. з. Прво, не чини никому зло!)“, вели д-р Ристески.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира