ЗАБОЛЕВМЕ ОД ПАЦИЕНТИ КОИ КРИЈАТ СИМПТОМИ – ДОПИСНИЧКАТА НА СДК.МК ВО КОВИД ЦЕНТАРОТ ВО ОХРИД

    ЗАБОЛЕВМЕ ОД ПАЦИЕНТИ КОИ КРИЈАТ СИМПТОМИ – ДОПИСНИЧКАТА НА СДК.МК ВО КОВИД ЦЕНТАРОТ ВО ОХРИД„Заштитниот протокол е наше секојдневие, се радуваме на секој оздравен пациент, но и тагуваме за секој изгубен живот“, велат медицинските лица. (Фото: СДК.МК)

    Строго забранет влез во Ковид-центарот, стои на вратата од Инфективното одделение во Охридската болница каде чекаме да нѐ внесат во делот каде се сместени тешко болните пациенти. Најпрво, добивме упатство како треба да се однесуваме за да излеземе здрави. По строги правила ја облековме и заштитната опрема која за миг ни покажа низ што сѐ поминуваат секојдневно здравствените работници кои се борат за секој живот тука.

    Нивната издржливост и уморот се на граница, но насмевката и оптимизмот не ги напуштаат. Година дена се соочени со разни судбини, но ниту едно медицинско лице од овој оддел не заболело од ковид-19. Велат дека строго ги почитуваат правилата за носење заштитна опрема и меѓусебно држење дистанца како на работното место така и надвор од болницата.

    „Уморни сме и физички и психички, но оптимизмот не нѐ напушта, не смееме да се предадеме. Правилното облекување и соблекување на заштитната облека за влез во соба каде има заболени е најважно, скафандер, заштитна маска, визир, неколку пара раквици, каљачи платнени и најлонски. Протоколот мора да се почитува за да останеме здрави и покрај тоа што секојдневно сме со заразени пациенти. Единствени сме што успеваме да нема ниту еден заболен, мора да се однесуваме одговорно“, вели главната сестра на Инфективното одделение Мирјана Спасова.

    Од вкупно 50 хоспитализирани во Општата болница, има пациенти и со потешка и со полесна клиничка слика. Најтешко болните се на Инфективното одделение. Повеќето од нив имаат проблеми со белодробни заболувања, со срце, притисок, дијабетичари, астма, а кај двајца пациенти се појавиле крварења од желудник и стомак што за лекарите е нов симптом досега непознат.

    Зоре Војнески две недели е во болничка постела. Кревет до него е неговата сопруга која имала полесни симптоми. (Фото: СДК.МК)

    Началничката на Инфективно д-р Светлана Алексиеска, вели дека скафандерите, маските и раквиците се носат и по 12 часа дневно.

    „Кога ќе поминеме низ влезната врата веќе забораваме на уморот, сконцентрирани сме само на пациентите. Последниве два месеца имаме подобри услови во поглед на персонал, бидејќи на припомош се лекари од Интерно и специјализанти кои ни помагаат во административните работи. Порастеретени сме со дежурствата. Сето ова ќе трае додека не се вакцинираме, невозможно е да се избориме со вирусот со природен имунитет. Има и случаи со повторна инфекција на ковид-19, после подолг период повторно да имаат температура. Вакцинација треба што поскоро, за да се редуцира бројот на заболени“, вели д-р Алексиеска.

    Според неа, ковид пандемијата е најстрашната болест со која се соочила за 35 години работа како медицинско лице.

    „На времето имаше туберколоза, но вакви страшни рентген слики немаме видено. Има пациенти кај кои се гледа големо оштетување на белите дробови. На почетокот не бевме спремни за вака тешки пациенти. Проблем е и тоа што немаме централно снабдување со кислород. Секојдневно се носат боци со кислород“, вели началничката на Инфективно.

    Денес бројката на примени пациенти е далеку помала, но напорот да се спаси секој живот е ист бидејќи тука е тенка линијата меѓу животот и смртта.

    Заедно со директорот Горан Балески, дежурните лекари и медицинскиот тим, облечени во скафандери, заштитни очила, три пара ракавици, визири и маски додека влегувавме во болничките соби, ја гледавме маката да се успее да се земе воздух, се соочивме со пациенти исплашени дека ќе ја изгубат битката со коронавирусот. Ги слушнавме лелеците на семејството на денеска починатиот 65- годишен охриѓанец кој се лечел една недела. Дел од болните по неколкудневно лечење закрепнале.

    Доктор Алексиеска вели дека ковид пандемијата е најстрашната болест со која се соочила за 35 години работа како медицинско лице. (Фото: СДК.МК)

    Еден од нив е и Зоре Војнески, 76-годишен охриѓанец кој две недели е во болничка постела. Кревет до него е неговата сопруга која имала полесни симптоми. Низ емоции раскажува за тешките и болни денови во борбата со вирусот. Единствена желба му е заедно со сопругата да се вратат дома живи и здрави. Се чувствува многу подобро откако лекарите успеале да му ја симнат температурата, но сѐ уште го држи стравот дека состојбата може да му се влоши.

    „Состојбата ми беше многу лоша кога ме донесоа. Бев дехидриран, имав температура, ме ставија на кислород. Цела година се вардевме, но ова е доказ дека за миг може да се случи сѐ. Низ глава ми поминуваа најстрашни мисли, но сега е подобро и единствено сакам да заминеме од тука живи и здрави“, вели Војнески.

    По строго утврден редослед ја слековме заштитната опрема бидејќи нѐ предупредија дека само мало невнимание тука може да ве чини живот. (Фото: СДК.МК)

    Во соседната соба со тешки здравствени проблеми уште се бори Љуба Блажеска, медицинска сестра, иако лечењето трае веќе две недели. Исцрпена со болки во градите едвај проговори за да каже дека поминува низ пекол. Тешкото дишење е погласно од нејзините зборови, но мислите и се кај сопругот кој е пратен на Инфективната клиника во Скопје.

    „Никогаш не сум била толку болна. Цела недела не се ни сеќавам низ што се поминав, бев изгубена. Сега како да немам ни сила ни душа во мене. Сопругот итно го префрлија за  Скопје, дадена му е крвна плазма. Немам сила да мислам за моето здравје, чуствувам грижа на совест дека болеста ја доби од мене. Заболе и мојот татко. Немам солзи повеќе само се молам за здравјето на мојот сопруг“, вели Блажеска.

    „Сега како да немам ни сила ни душа во мене“, вели Блажеска. (Фото: СДК.МК)

    „Заболевме од несовесни пациенти кои кријат дека имаат симпроми на ковид-19. Цела година без ниту еден ден слободен работевме, но ова се случи затоа што пациентите не кажуваат дека се болни“, вели Бранка Богданоска, една од 12-те заболени медицински сестри од Хирургија која упатува порака луѓето да веруваат во вирусот, да бидат совесни за да ги заштитат медицинските лица.

    Додека ги слушавме различните судбини на тешко болните, во Ковид- центарот пристигна уште еден заболен со висока температура. Веднаш му беше дадена терапија. Неговата борба да се преживее започнува денеска, денот кога еден почина, а двајца пациенти заминаа оздравени.

    „Ова е нашето секојдневие, се радуваме на секој оздравен пациент, но и тагуваме за секој изгубен живот“, ни рекоа медицинските лица.

    По строго утврден редослед ја слековме заштитната опрема бидејќи нѐ предупредија дека само мало невнимание тука може да ве чини живот.

    Во 2020 година на Инфективното одделение во Охрид примени се 1.076 лица болни од Ковид-19. Од нив 120 не успеале да се изборат со смртноносниот вирус, најмладиот од нив имал 32 години. Годинава хоспитализирани се вкупно 90 болни, а починале шест.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    (Фотографиите се направени со одобрение на пациентите)


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира