СЕДУМ ПОЖАРИ ОД ЗАПАЛЕНИ ОЏАЦИ ЗА САМО ЕДЕН ДЕН ВО КАВАДАРЦИ

153
Постои златно правило за сите оние кои се греат на дрва во домаќинствата дека оџаците треба да ги чистат најмалку три пати годишно и тоа на почетокот, средината и крајот на грејната сезона, велат пожарникарите (Фото: СДК.МК)

Седум пожари  за само еден ден избувнале од запалени оџаци во Кавадарци. Од Територијалната противпожарна единица потврдуваат дека за Божиќните празници имале полни раце работа, кога имало и други запалени оџаци, пожар од плинска боца и запален подрум.

„Пожарите предизвикани од запалени оџаци се најчесто во згради во кои поради немање заеднички јазик помеѓу станарите, не се чистат навреме одводните канали за чадот кој излегува при затоплување на домовите. Но пожари поради неисчистени оџаци има и кај индивидуални станбени објекти каде сопствениците не го почитуваат правилото за нивно редовно чистење. Во неисчистени сулинари исто така при појак огин се палат саѓите, па пламенот ги зафаќа и наслагите во оџакот при што доаѓа до пожар”, појаснува Дане Јошев, одговорен на смена во противпожарната служба.

Бидејќи во зима најчести се пожарите на оџаци, тој апелира на внимателност од оние кои ги загреваат домовите со дрва. Ова особено важи за оние кои живеат во колективни згради во кои со разни доградби се заградуваат оџаците, но и за семејствата кај кои дрвени греди од крововите се поставени многу блиску до оџаците.

„Постои златно правило за сите оние кои се греат на дрва во домаќинствата дека оџаците треба да ги чистат најмалку три пати годишно и тоа на почетокот, средината и крајот на грејната сезона. Можно е некаде да има потреба и од дополнително чистење на оџак, зависно од материјалот од кој е изграден”, вели Јошев.