АКО ЗВРЛЕВСКИ НЕ БИДЕ РАЗРЕШЕН ДО ПОНЕДЕЛНИК, ЌЕ ГИ ДОЧЕКА И ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

    АКО ЗВРЛЕВСКИ НЕ БИДЕ РАЗРЕШЕН ДО ПОНЕДЕЛНИК, ЌЕ ГИ ДОЧЕКА И ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИЗа дискусија за предлогот за разрешување на Зврлевски пријавени се околу 90 пратеници. - Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Драги Цуклев и Илија Димовски и спикерот Талат Џафери на вчерашната продолжение на седницата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Ако Собранието не го разреши државниот обвинител Марко Зврлевски до 17 јули, името на неговиот наследник ќе се знае дури наесен, кога треба да се одржат локалните избори. Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера ја отвори точката од дневниот ред за разрешување на Зврлевски, но за дискусија пријавени се околу 90 пратеници. Поради големиот број дискутанти, а и поради десетте пратенички групи, формирани од опозициските пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, дебатата за разрешувањето на Зврлевски може да се одолговлекува и да не заврши до 17 јули, кога на седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет ќе се расправа за ребалансот на буџетот, усвоен во петокот на владина седница.

    „Тоа значи дека до понеделник 17 јули, кога е закажана расправата на Комисијата за финансирање и буџет, мора да се разреши Зврлевски. Ако не се стигне, тогаш името на новиот Јавен обвинител ќе се знае дури наесен, освен ако претходно нема договор да се откажат пратеници од дискусиите, па да се стигнат роковите“, велат пратеници од владејачкото мнозинство.

    Според собранискиот Деловник, кога ќе почне со работа матичната комисија, која што расправа за буџетот или за ребалансот, тогаш не може да се одржува собраниска седница. Претресот во Комисијата (општиот претрес и претресот по амандманите) може да трае вкупно десет работни дена, а претресот по предлогот на Буџетот, односно по дополнетиот предлог на Буџетот на седница на Собрание трае најмногу пет дена, односно до 1 август, кога пратениците заминуваат на одмор до 31 август.

    Математиката вели дека и да биде разрешен Зврлевски до 17 јули, тогаш, според законската процедура, се распишува оглас за избор на Јавен обвинител. По објавувањето на огласот течат, пропишаните 15 дена за пријавување на кандидатите, што наедно е и рок во кој Советот на јавни обвинители треба да даде мислење до Владата, позитивно или негативно, за сите пријавени кандидати. Рокот е до 1 август, што значи и да заврши целата постапка до 1 август, седница на која што ќе се гласа за именувањето на новиот обвинител не може да се одржи пред септември поради одморите, освен, ако претходно нема договор меѓу партиите во Собранието.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира