ФИЛХАРМОНИЈАТА СЕ ПУШТА БЕЗ ТЕХНИЧКИ ПРИЕМ, НЕ Е ЗАВЕДЕНА ВО КАТАСТАР

    ФИЛХАРМОНИЈАТА СЕ ПУШТА БЕЗ ТЕХНИЧКИ ПРИЕМ, НЕ Е ЗАВЕДЕНА ВО КАТАСТАРНеколку часа пред свеченото отварање работници садат цвеќе пред влезот на зградата на Македонската филхармонија (Фото: СДК.МК)

    Објектот на концертната сала на Македонската филхармонија не постои во скопскиот Катастар. Објектот не е запишан, а парцелата сè уште се води како камењар. Ова ги потврдува сомневањата на музичарите и градежниците дека за Филхармонијата, и покрај тоа што вечерва свечено се пушта во употреба и ќе биде преполна со луѓе, не е е направен технички преглед и нема одобрение за употреба.

    Филхармонија се отвора со првиот свечен концерт, со македонскиот пијанист со светска кариера Симон Трпчески и славниот диригент Владимир Ашкенази од Русија, а билетите се продаваа по цена од 2.500 и 3.000 денари.

    Извод од катастарот со датум од 20 мај 2017 според кој на парцелата има камењар од 3.347 метри квадратни

    Маја Чанаќевиќ,  директорка на Македонската филхармонија два дена ги игнорира повиците на САКАМДАКАЖАМ.МК и не одговори на прашањето дали е направен технички преглед на објектот.

    Не одговорија ниту од Министерството за транспорт и врски, институцијата задолжена да формира Комисија која треба да го направи техничкиот преглед и врз основа на тоа да издаде одобрение за употреба бидејќи Филхармонијата е објект од прва категорија, за која локалната самоуправа нема надлежност. Тие рекоа стручните прашања за употребната дозвола на објектот да ги упатиме во Министерството за култура.

    И во Министерството за култура не одговараат дали објектот на Македонската филхармонија има технички прием.

    Според Законот за градење градбата се става во употреба дури по добивањето на Одобрението за употреба. Според истиот закон, Министерството за транспорт и врски во име на инвеститорот на објектот е должен да достави барање за запишување на градежниот објект во јавната книга на недвижности во рок од три дена од денот на приемот на геодетскиот елаборат за извршен премер на објектот.

    Дознаваме дека техничката министерка за култура и пратеничка Елизабета Канческа Милеска последните недели вршела силни притисоци кај службите во Министерството за траннспорт и врски објектот на Филхармонијата да биде пуштен во употреба по секоја цена уште додека не власт е техничката влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

    ВМРО-ДПМНЕ И ГРУЕВСКИ ГО КИДНАПИРАА ИСТОРИСКОТО ОТВАРАЊЕ НА НОВАТА ФИЛХАРМОНИЈА ЗА ПАРТИСКА ЖУРКА

    Концертната сезона на Македонската филхармонија вообичаено се отвора на почетокот на октомври. До крајот на овој дел од сезоната, во новата сала ќе се одржи уште еден концерт насловен „Видеоигра“, на 1 јуни со познатиот англиски диригент Тимоти Редмонд, а на кој филхармоничарите ќе изведат музика од познати видеоигри.
    Следниот концерт, и последен пред летната пауза е во Градскиот парк на традиционалната манифестација „Види музика, слушни слика, добиј книга“, што Филхармонијата го работи во копродукција со Младинскиот културен центар (МКЦ).

    Директорката Маја Чанаќевиќ на партискиот лидер му даде „плакета за особен придонес во културата и уметноста од страна на вработените во филхармонијата“ – од увидот на Груевски на финалните градежни работи заедно со директорката и пратеничката Канчесла Милеска (Фото: МИА)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, заедно со Канческа Милевска вчера го посети  објектот во друштво на директорката Маја Чанаќевиќ, и доби „плакета за особен придонес во културата и уметноста од страна на вработените во филхармонијата“, јави државната агенција МИА која ја следеше посетата.

    Претседателот на независниот синдикат на културата Виктор Илиески на својот фејбук профил напиша дека ова е посебен ден за институцијата Македонска филхармонија оти по 73 години постоење добива концертна сала. Но, за информацијата дека вработените доделиле плакета на лидер на партија, тој вели дека „во работната недела што измина, никој од уметниците од Македонска филхармонија немаше конкретни разговори со било кој политичар, пратеник, или технички министер, уште помалку некој функционер јавно се обрати пред целиот ансамбал во текот на пробите за отворањето на нашиот нов дом“.

    Директорката Маја Чаначевиќ која 11 години раководи со Филхармонијата не одговори зошто државната институција му доделува плакета на партиски лидер, зошто таа како носител на јавна функција го прима на смотра партискиот лидер, како и зошто решила свеченоста за отварањето да биде партиска прослава на опозиционата партија, со оглед дека не е поканет ниту вториот човек во државата – претседателот на Собранието Талат Џафери, ниту пак мандатарот за Влада Зоран Заев. Прашавме и зошто отворањето на оваа сала од историско значење е партиски обоено и во служба на партиски лидер и техничка министерка кои се осомничени за криминал во случаите на Специјалното јавно обвинителство.

    Новата коцертна сала со неколку паузи се градеше осум години, од март, 2009, на површина од 12.400 квадратни метри на просторот помеѓу Македонската опера и балет (МОБ) и Факултетот за музичка уметност (ФМУ). Груевски вчера за првпат кажа и колку чини објектот – 37 милиони евра. На поставувањето на камен-темелникот во 2009, беше најавено дека Владата во проектот вложила  6 милиони евра.

    Новиот објект е изграден според идејното решение на архитектот Виктор Михајлов,  и има две сали, голема со 1.000 седишта, и мала со 310 седишта, од кои 168 се фиксни, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта.

    На акустиката работеше Јорг Кумел, еден од најпознатите акустичари во светот.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира