КОЦЕ ТВРДИ ДЕКА НЕМА ДА УНИШТУВА ЗЕЛЕНИЛО ВО ГРАДСКИ ПАРК, НЕ ЈА КОМЕНТИРА СЕЧАТА НА ДРВЈА ВО ЛУНА ПАРК

    КОЦЕ ТВРДИ ДЕКА НЕМА ДА УНИШТУВА ЗЕЛЕНИЛО ВО ГРАДСКИ ПАРК, НЕ ЈА КОМЕНТИРА СЕЧАТА НА ДРВЈА ВО ЛУНА ПАРКОд градежни активности во Луна паркот може да видат само сеча на дрвјата во делот каде што се малиот и големиот автодрoм. Исечени се десетина дрвја, а трупците и гранките стојат околу корењата кои се уште не се извадени од земја (Фото: СДК.МК)

    И неизграден новиот Луна парк стана атракција. Посетителите на Градски парк вчера и денес кружеа околу затврените врати на Луна паркот со цел да ѕирнат како се одвиваат градежните работи кои во петокот градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски најави дека се почнати. Од градежни активности во Луна паркот можеа да видат само сеча на дрвјата во делот каде што се малиот и големиот автодрoм. Исечени се десеттина дрвја, а трупците и гранките стојат околу корењата кои се уште не се извадени од земја. Дел од гранките се наредени меѓу корпите од панорамата која пред неколку години беше демонтирана како небезбедна, а корпите останаа во делот од Луна паркот каде што некогаш беше стрелиштето. Беа зараснати во високи тревни, а сега покрај нив се складираат исечените дрвја.

    Град Скопје денес до редaкцијата САКАМДАКАЖАМ.МК испрати реакција на текстот кој беше објавен вчера под наслов „За барок во новиот Луна парк ќе се исечат пола од дрвјата во Градски парк“. Во реакцијата од Градот, нема објаснување за сечата на дрвја, која веќе е направена, туку уште еднаш градските власти објаснуваат за површината на новиот Луна парк, иако во објавниот текст е наведено дека паркот ќе се гради на 25.000 квадратни метри, на сегашната локација.

    „Навистина не знаеме од каде да започнеме со демантирање на овој подол, злобен и одвратен текст“, стои во реакцијата од Град Скопје и се додава: „Повторно, сакаме да ја информираме јавноста дека станува збор за невистинита информација и дека новиот забавен парк ќе се протега на истата површина како и досега и нема да завзема и уништува зеленило во Градскиот парк“.

    Освен за исечените дрвја, со реакцијата, градските власти не одговараат ниту на забелешките од скопјани за непонуденото сообраќајното решение и пристап до бројните нови пратечки содржини на Луна паркот, ниту пак има објаснување за забелешките од еко-иницијативите кои ја оспоруваат одлуката да се потрошат 6,5 милиони евра за Луна парк наместо решавање на горливите проблеми кои го загрозуваат квалитетот на живот. Не одговараат ниту на забелешките дека со новиот Луна парк, барокот влегува и во Градскиот парк, кои се дел од вчерашниот текст.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира