ЗА СУПЕР КУПОТ ПРВПАТ НЕ СЕ ПУШЕШЕ НА СТАДИОН, СЕ ПОФАЛИ ФФМ

    ЗА СУПЕР КУПОТ ПРВПАТ НЕ СЕ ПУШЕШЕ НА СТАДИОН, СЕ ПОФАЛИ ФФМНавивачи на Манчестер Јунајтед на трибините на стадионот „Филип Втори“ за време на синоќешниот натпревар од Супер купот на УЕФА. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Супер купот е првиот натпревар на стадионот „Филип Втори“ организиран со целосна забрана за пушење. Филип Поповски, генерален секретар на Фудбалската федерација на Македонија, вели дека имале извонредна организација, од секој аспект.
    „Прв пат забранивме пушење на стадион и успешно го реализиравме. Го применивме концептот за контрола на отпад, стадионот да остане чист и безбеден. Ова беше планетарен настан со огромни ризици и посебно сме благодарни на Министерството за внатрешни работи за извонредната организација“, рече секретарот Поповски нагласувајќи дека со настапот на децата од „Партение Зографски“ покажале дека се и општествено одговорни.

    Искуството со Супер купот за ФФМ, како што вели секретарот Поповски, е мотив да продолжат со организирање на вакви големи настани и најави дека ќе аплицираат за нови слични проекти.
    Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски кој излезе на заедничка прес конференција со секретарот Поповски, го дели мислењето за беспрекорно организиран настан.

    „Супер купот го вброи Скопје во листата на градови кои можат да организират вакви настани. Град Скопје се покажа како добар домаќин, бевме на нивно на барањата на УЕАФА. Имавме чист град, убав град, а независната фан зона на Плоштадот анимираше над 100.000 луѓе“, рече градоначалникот Трајановски и се заблагодари на сите јавни претпријатија, институции, но и на граѓаните кои придонеле Супер купот на странците да им остане во убаво сеќавање.

    За организирање на неутралната фан зона на Плоштад Македонија, Град Скопје потрошил 200.000 евра, пари со кои е снимено и промотивното видео за Скопје и Супер купот. Дополнителни трошоци, кои градоначалникот Трајановски рече дека не се пресметани, се оние за дополнително ангажирање на вработените во јавните градски претпријатија.

    Градоначалникот Трајановски рече дека групата проценка е дека Супер купот на Македонија ќе и донесе 20 милиони евра, што значи дека трошоците за изградба на арената се покриени само со овој настан.
    „Арената ги оправда парите кои се вложени во неа. Од почетокот на доградбата, па се до крајот имаше големи замерки за парите кои се издвојуваат за оваа намена. Замеруваа дека некој нема вода за пиење, но се покажа дека на се треба да се работи паралелно“, рече градоначалникот Трајановски.

    Тој изрази жалење за оние што очекувале да има пренос од Супер купот на големиот екран на Плоштадот Македонија.
    „Мене ми е навистина жал што немаше пренос во живо на Плоштадот, но екранот го изнајми ’Пепси’, како еден од спонзорите на УЕФА и тие одлучуваа што ќе се емитува. Научивме многу работи изминативе месеци од соработката со УЕФА, за многу работи негодувавме, но тоа се процедури што ги има секаде во Европа“, рече градоначалникот.
    Тој најави дека фудбалската треска во чиј ритам функционира Скопје, ќе продолжи со натпреварите Милан-Шкендија и Вардар-Фенербахче кои се следни на „Филип Втори“.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира
    Booking.com

    Коментари