ВЕРУВАМ ДЕКА ЌЕ НАЈДЕМЕ РЕШЕНИЕ СО СОНК, ЛЕСНО Е ДА ПРОТЕСТИРАМЕ И ДА СЕ КАРАМЕ, РЕЧЕ ЗАЕВ

    ВЕРУВАМ ДЕКА ЌЕ НАЈДЕМЕ РЕШЕНИЕ СО СОНК, ЛЕСНО Е ДА ПРОТЕСТИРАМЕ И ДА СЕ КАРАМЕ, РЕЧЕ ЗАЕВСОНК најави дека ако не бидат исполнети нивните барања на 11 ноември ќе ја прекинат наставата во основните, средните и високообразовните институции; - Од протестот пред Влада на Синдикатот за образование и наука во јануари 2018 (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев рече дека ќе продолжат преговорите со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и оти верува дека ќе се најде решение за да не дојде до најавениот прекин на наставата следниот месец.  Синдикатот вчера не го прифати владиното најавено покачување на платата за 10 отсто во април вгодина, со барање покачувањето да биде од јануари, а во меѓувреме да се преговара за поголемо покачување.

    СОНК најави дека ако не бидат исполнети нивните барања на 11 ноември ќе ја прекинат наставата во основните, средните и високообразовните институции.

    „Знам дијалог и дипломатија. Штрајк е лесно. Да протестираме и да се караме е лесно, тоа никогаш не дало резултат кај нас. Под раководство со министерот за образование Адеми, оти се работи за платите во образование, верувам дека ќе се изнајде решение, треба да имаат разбирање. Владата на два пати ги зголеми платите лани за пет проценти, и сега во октомври за пет проценти, и кумулативно зголемувањето е 11 проценти. Понудивме некое решение со кое би се исплатило со мартовската плата за април и тоа е сериозно решение. Се работи за милијарди денари секоја година и не е лесно секоја година да се изнајдат соодветните средства. Ние сме расположени да направиме уште едно покачување со мартовските плати“, рече Заев.

    Тој кажа дека сакаат ова зголемување да е поголемо, но дека мора да се има разбирање за сите во државата.

    „Буџетот е транспарентен и отворен, сите може да видат каде рационално се трошат парите во државата. Драго ми е што сите сфатија дека има пари во државата кога не се трошат на непродуктивни работи, кои не ни носат трајно добро, но тоа секако е со ограничувања, имаме толкави можности и во рамки на тие можности ќе направиме се за да постигнеме договор со СОНК“, рече Заев.

    На новинарско прашање дали чул дека има понуда и од СОНК за поголемо зголемување на платите, а во замена да го повикаат членството да гласа за нив на престојните парламентарни избори, како што беше случајот со Самостојниот синдикат на вработените во клиничките центри, Заев рече дека покачувањата на плата кои ги направиле лани и годинава не биле ниту за избори, ниту пак некој преговара за тоа ако некој му даде повеќе плата на другиот, тој да возврати со глас.

    „Партиите не ги носат од дома парите, тоа се пари на граѓаните и кон тие луѓе што тоа го зборат не треба да воспоставуваме пазар преку вакви вредности. Сите граѓани имаат право на своја определба, државата и владата е важно да биде посветена на својот народ. Ниту Владата, ниту некој граѓанин ги носи гласовите од граѓаните во џеб и секој е сам зад параванот и сам си ја носи одлуката“, рече Заев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира